Станува збор за предизборен фолклор во пресрет на парламентараните избори во Бугарија, смета вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров за објавата на социјалните мрежи на карта на т.н. Санстефанска Бугарија од страна на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов.
– Колку поголема реакција ова ќе предизвика кај нас, можеби ќе има поголем ефект, а можеби тоа било и идејата. Ние што навистина сакаме добрососедство и пријателство треба да сме внимателни во тоа што го зборуваме и го објавуваме на социјалните медиуми. Посебно треба да избегнуваме изјави и објави коишто наликуваат на територијални претензиии и се против Договорот за пријателство и нашето сојузништво во НАТО, додаде Димитров.
Надоврзувајќи се на оваа прашање, премиерот Зоран Заев изјави дека потегот на Каракачанов го смета за изборен фолклор и дека секое коментирање би значело вмешување во предизборието во Бугарија.
Според Димитров, пореално е пробив по прашањето за преговарачката рамка со ЕУ да има во мај или во јуни бидејќи следниот Совет на ЕУ е многу блиску до претстојните избори во Бугарија за да се очекува некаква одлука за прифаќање на преговарачката рамка за земјава со ЕУ.
– Има растечка и голема решеност да има успех. Имавме добра, чиста, јасна одлука во март минатата година, која не се реализираше. Нас ни треба тој успех, на регионот му треба тој успех, на Европската унија и треба тој успех, изјави Димитров .
Димитров истакна дека по завршување на изборните циклуси во неколку важни земји членки на ЕУ, како и во Албанија во претстојниов период, очекува да се создаде атмосфера за изнаоѓање консензус за усвојување на преговарачката рамка со земјава и за одржување на првата меѓувладина коференција.