Сликите и постовите што се објавени на социјалните мрежи можат да се користат во сите постапки пред судовите на Република Македонија. Сите докази што се прибавени на законски начин може да се изнесат во судска постапка и на нив да се темели одлуката на судот, пишува МИА.
Заканата упатена кон премиерот Зоран Заев, за која МВР информираше минатиот месец, е само едно од кривичните дела за кои Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР изготви известување до скопското Јавно обвинителство.
МВР работи на триесеттина случаи во кои преку социјалните мрежи на носители на државни функции во Република Македонија им е загрозена сигурноста, како и случаи каде се злоупотребени нивните лични податоци.
Шест од овие случаи се однесуваат на закани упатени кон премиерот Заев.
Од МВР велат дека е откриено лицето кое ги испратило заканите и тој се сомничи за „загрозување на сигурноста“. Осомничениот, кој му се заканувал на Заев преку социјалната мрежа „Фејсбук“, откриен е во координација со Секторот за меѓународна полициска соработка, со социјалната мрежа „фејсбук“, како и со Интерпол-Берн, Швајцарија и еден интернет провајдер од истата држава.