На Јутјуб денеска е објавена видео-снимка на која се гледа како во домашна атмосфера седи Бојан Јованоски – Боки 13 заедно со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и уште една личност снимена од позадина, чиј лик не се гледа, ама наликува на Радмила Шекеринска.
Видеото е објавено на налог со име „Боки и другарките другари-ки“ и трае 29 секунди. Снимката најверојатно е направена со мобилен телефон од четврта личност во, како што се претпоставува, домот на Јовановски.
На почетокот на видеото испишано е „На гости кај Боки 13, Катица Јанева и?“ алудирајќи на прашањето која е третата личност која се гледа свртена со грб.
Во предизборниов период речиси секојдневно на јутјуб-каналот се објавуваат аудио и видео снимки, популарно во јавноста познати како „бомби“. Снимките се публикувани под различни налози за различни цели.
Јовановски и Јанева на 18 јуни годинава беа прогласени за виновни во случајот „Рекет“ и им беа изречени затворски казни со првостепена пресуда. За Јовановски 9 години за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а за Јанева 7 години за злоупотреба на службената положба и овластување.