Бирото за развој на образованието неодамна ги објави наставните програми за предметите во второ и петто одделение, а во меѓувреме се чека Министерството за образование и наука да ги испечати новите учебници за овие предмети.
Наставните програми за второ и за петто одделение, содржат низа новини. Така, во онаа за предметот Општество за второ одделение, во подрачјата Дигитална писменост, Личен и социјален развој, Техника и технологија, наведено е дека ученикот ќе треба да знае и умее да процени кога и на кој начин за решавање на некоја задача/проблем, е потребно и ефективно користење на ИКT. Потоа, треба да знае да определи какви информации му/ѝ се потребни, да најде, избере и преземе дигитални податоци, информации и содржини, објави МЕТА.
„Ученикот треба да ги идентификува различните компоненти на сопствениот идентитет кој се гради врз основа на припадноста на различни социјални групи (на пример: родов, етнички и национален идентитет) и на различните улоги кои ги има во животот (на пример: ученик, син/ќерка). Да прави процена на сопствените способности и постигања (вклучувајќи ги силните и слабите страни) и врз основа на тоа да ги определува приоритетите кои ќе му/ѝ овозможат развој и напредување. Да ги препознава емоциите кај себе и кај другите, да ги согледа последиците од сопствените емоционални реакции во различни ситуации и да користи соодветни стратегии за справување со емоциите“, наведено е во наставната програма по предметот Општество за второ одделение.
Она што е ново, е што од следната учебна година, петтоодделенците ќе имаат нови предмети, кои, според она што е наведено во наставната програма, е спој од два предмети. Така, нов предмет им е Историја и општество, како и Техничко образование и информатика.
По Историја и општество ќе учат за поединецот и општеството, за населението и континентите, како и за праисторијата и историјата. За тоа, на часовите ќе користат дигитални паметни (смарт) уреди, учебник, енциклопедии, речници, географски атлас, физичко-географска карта на светот, политичко-географска карта на светот, визуелни прикази за карактеристиките на населението на континентите (боја на кожа, традиција), сложувалки со слики од главните градови на поголемите држави во светот и други прикази и нагледни средства.
Во подрачјето Општество и демократска култура, наведено е дека „ученикот треба да знае да ги идентификува и почитува сите национални симболи на државата Република Северна Македонија и да манифестира чувство на припадност кон државата“.