Снимки од телефонски разговори меѓу носителот на листа на ВМРО ДПМНЕ во 4 ИЕ Игор Јанушев и поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески денеска беа објавени на Јутјуб каналот од „Обнова на режимот“.
На објавените „бомби”, кои по содржина се слични на оние што се објавуваа на судското рочиште за случајот „Титаник“, се слушаат гласовите на Јанушев и Јанакиески. „Бомбите“ се објавени на Јутјуб каналот “Обнова на режимот” под следниве наслови: „Јанушев 4 чартер летови за ДПМНЕ“, „Резервирајте ако треба и празен нека биде“, „Јанушев и Миле 190 илјади евра Бетон да плати“, „Цени да ги вратат недела попладне“ и „Уништување документи Игор Јанушев“.
Во една од снимките Јанакиевски прашува за некои документи, на што Јанушев му одговара дека средено е се, дека треба да бидат уништени документите.
Во снимките се слуша како тие разговараат за организирање на чартер летови од Тревизо и од Цирих. Соговорниците разговараат за цената на летовите кои ги организираат.
-Игор, вие резервирајте два авиони, ако треба вториот и празен нека биде, вели Јанакиески, а Јанушев му кажува дека тоа се плус 150 илјади евра.
Во снимките се слуша како разговараат за термините кога чартер летовите ќе ги носат и враќаат патниците.