Објавена ранг листата: Синот на Талат Џафери и сопругата на Ислам Абази стануваат обвинители, сопругата на Муцунски- судијка?

by fokus

Академијата за судии и јавни обвинители ја објави ранг листата со конечните резултати од полагањето на завршниот испит во Академијата за седмата генерација слуштатели. Завршниот испит го положиле 57 кандидати, од кои дел ќе бидат судии, а дел јавни обвинители.

Барлет Џафери, синот на собранискиот спикер, Талат Џафери, за кого Државната комисија за спречување на корупцијата утврди дека положил правосуден испит пред да дипломира е 42-ри на ранг листата и е во групата на идните јавни обвинители.

На оваа ранг листа е и сопругата на новиот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази, Албулена Абази, која е 51-ва на ранг листата и таа како и Џафери ќе биде јавен обвинител.

Токму поради неа, Абази се повлече од Управниот одбор на Академијата каде беше предложен од Советот на јавни обвинители.

Абази кажа дека со оглед на тоа што неговата сопруга тогаш беше слушател на Академијата за судии и јавни обвинители и е пред завршување на Академијата, не сака да падне било каков сомнеж во објективноста при спроведувањето на завршниот испит и оценувањето.

Сопругата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Аеродром, Тимчо Муцунски пак е во редот на судиите. Симона Муцунски Бубевска е четврта на ранг листата.

Пред неа е Биљана Смаќоска, ќерка на обвинителката од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Гордана Смаќоска. Драган Јосифоски е 13-ти на листата и е син на обвинителката, Елизабета Јосифоска која беше во СЈО. Тој е исто така во редот на идните судии.

Меѓу оние со завршен испит се синот на судијата во Виш управен суд Субхи Јакупи, Илир Јакупи. Тој треба да биде јавен обвинител исто како и синот на судијата во Апелација, Енвер Беџети, Јетмир Беџети.

Енвер Беџети беше судијата известител за предметот за масовното прислушување, „Таргет-тврдина“, во кој е обвинет поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, а кого Судскиот совет го посочи дека го држел предметот со месеци во фиока и придонел за застарување на предметот. Нему му се отвора можност да биде јавен обвинител.

Овие кандидати од политичкото-судското стебло се на чекор да станат судии или јавни обвинители. Со полагањето на завршниот испит, ним, всушност им се отвора вратата да бидат избрани за судии или јавни обвинители од страна на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители.

-Соглано законската обврска, Конечната ранг-листа на кандидати за судии и јавни обвинители веднаш ќе ја испрати до Судскиот совет на РСМ и до Советот на јавните обвинители на РСМ во текот на утрешниот ден. Ви посакуваме брз избор, се вели на објавата на Академијата.

Во македонските судови и обвинителства има десетици испразнети судиски и обвинителски позиции, а сега според Законот за секој нов судија и обвинител задолжително е да се има завршена Академија за судии и обвинители.

Од избраните 60 кандидати еден се откажал, па наскоро 59 завршени кандидати ќе треба да пополнат дел од испразнетите места.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости