Чиста шпекулација е програмата за Пивофест Прилеп 2018 во која што се наведени имињата на повеќе од 15 регионални музички ѕвезди, како гости на настанот кој што ќе се случува во Прилеп – тврдат за „Фокус“ од општината.
Имено, деновиве на социјалните мрежи се прошири плакат со програмата на манифестацијата, а на истиот како музички гости кои ќе ги забавуваат посетителите се најдоа имињата на Слаткар, Ван Гог, Кирил Џајковски, Дарио, Бени и Нон Стоп, Црвена Јабука, Ромео Бланко, Прилепски бенд, Некст Тајм, Даниела Мартиновиќ, Жељко Јоксимовиќ, Либеро Бенд, Куку Леле, Џенан Лончаревиќ и Шабан Шаулиќ. Наведено е дека фестивалот ќе се одржи од 12 – ти до 15 – ти јули.
Со оглед на тоа што станува збор за музичари кои настапуваат за високи хонорари, во јавноста започнаа негодувањата и обвинувањата дека за настанот само за музичкиот дел ќе се потрошат стотици илјади евра.
-Се уште немаме ништо официјално, и програмата која што деновиве се објавува на социјалните мрежи е само претпоставка на лица од опозицијата. Наредната недела ќе имаме состанок, каде ќе се знаат сите детали. Ќе имаме и состанок со медиумите каде ќе бидат изнесени сите факти и потврдени имињата на музичките гости. Засега ништо не е дефинитивно, некои од гостите чии имиња се спомнуваат можеби и ќе настапат на Пивофест Прилеп, некои можеби не. Вистината е дека оваа програма не е став на општината – велат од таму.
Но, и покрај ова нејзино тврдење , Жељко Јоксимовиќ на својата официјална страница веќе ја објавил веста дека на 14 – ти јули ќе настапи на плоштадот во Прилеп. Околу тоа колку средства од буџетот ќе бидат одвоени за музичкиот дел, додаваат дека се уште не располагаат со точни информации.
-Средствата од општината ќе бидат мали, но ќе имаме помош од разни организации и спонзори. Јавноста за се ќе биде информирана точно и навремено – тврдат од општината.
Оваа година фестивалот на пивото и скарата во Прилеп ќе се одржи по 16 – ти пат. Лани свои настапи имаа Тајфата и Димитар Андоновски, Џамбо и оркестарот Агушеви, Северина, Ај кју, Психомодо поп, Амадеус бенд, Нокаут, Ален Исламовиќ, Елена Велевска, Харис Џиновиќ, Анабела и други. Преклани пак, музички гости беа Каролина Гочева, Crossroad Blues Band, белградската група Самостални референти, Fly Project, Raphael, Тропико Бенд, Рада Манојловиќ, Хари Мата Хари, Александра Радовиќ, Миле Кузмановски, Bang La Decks, Дејан Петровиќ, Парни Ваљак и Аца Лукас. Фестивалот секоја година е масовно посетен.
Во годините наназад свои настапи на истиот имаа речиси сите големи музички ѕвезди од регионот, како Горан Бреговиќ, Здравко Чолиќ, Цеца, Оливер Драгојевиќ, Неда Украден, Жељко Самарџиќ, Петар Грашо, Саша Ковачевиќ, Лепа Брена, Тони Цетински, Дино Мерлин, Јелена Розга, Жељко Јоксимовиќ, Харис Џиновиќ и други. Пред две години, поранешниот градоначалник на Прилеп, Марјан Ристески изјави дека планира да ја донесе и светски популарната група Металика на фестивалот. Металика, сепак не дојде во Прилеп, но лани во општината влегоа обвинители на СЈО, кои неофицијално, барале документација поврзана со организацијата на Пивофест.
Вики Клинчарова