Објавена меѓународна потерница по Шеваљ Муареми

by fokus

По еден месец од големата полициска акција за разбивање на криминалната група од Грчец, која како што објави Министерството за внатрешни работи била инволвирана во недозволена трговија со дрога и убиства, на веб страницата на Министерството за внатрешни работи објавена е меѓународна потерница по водачот на групата, Шеваљ Муареми.

-МУАРЕМИ ШЕВАЉ татко Азби мајка Азбије род.18.11.1977 год. во Скопје, живее на ул„.5“ бр.1 с.Грчец општина Сарај. Се бара по распишана меѓународна потерница од ОЈО за ГОКК-Скопје со Наредба КО БР.15/24 од 30.01.2024 год .Лицето е под истрага за сторено кривично дело по чл.123 ст.2, чл.394 ст.3 и чл.215 ст.3 од КЗ на РСМ, стои на сајтот на МВР.

Од Министерството за правда за „Фокус“ велат дека потерницата е објавена на 29 февруари.

„Фокус“ на 15 февруари објави дека иако акцијата на МВР беше на крајот на месец јануари, сепак Министерството за внатрешни работи се уште немаше објавено меѓународна потерница по лицата кои се во бегство. По објавата на текстот, иако со денови чекавме одговор на прашањата, стигна одговор од МВР дека потерница е распишана, но процениле дека не треба да биде јавно објавена.

-Доколку се повикувате на ВЕБ сајтот на МВР, од каде се информирате и носите заклучок дека за истите нема распишано меѓународна потерница, Ве известуваме дека МВР врши проценка кога ќе побара јавна помош за добивање на информација во врска со лицата за нивно лоцирање и тогаш ги објавува на увид на јавноста, а не претставува обврска дека секое лице кое е предмет на потерница треба да биде објавено на ВЕБ сајтот. ВЕБ сајтот не е институционален оперативен систем за потраги, ниту меѓународен интерпол систем за потраги по лица и предмети каде се распишуваат потерници по лицата, се велеше во одговорот.

Сепак од Министерството за правда последно ни одговорија дека екстрадиција за Шеваљ од Дубаи не се бара, иако шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во петокот на брифинг со новинарите рече дека се во комуникација со Дубаи и се бара екстрадиција за Шеваљ Муареми.

-Постапката за екстрадиција со Обединетите Арапски Емирати е иста како и сите други постапки за екстрадиција со тоа што единствена разлика е дека барањата за екстрадиција се упатуваат преку МНР (има многу држави со кои тоа е така).

Со нив немаме билатерален договор и не се членка на Европската конвенција за екстрадиција со протоколите – која најчесто ја користиме, но:

– и ние и тие сме членки на Конвенциите на Обединети Нации кои покриваат широк спектар на дела – како што се – транснационален и организиран криминал, корупција, недозволена трговија со дрога, трговија со оружје, луѓе – доколку овие Конвенции не го опфаќаат кривичното дело за кое е распишана меѓународна потерница, се применува принципот на реципроцитет, објаснуваат од Министерството за правда за „Фокус“.

Освен по Муареми, објавена е потерница и по Чајани Мухамед, Сулејмани Сефедин, Бајрами Шакир, Ибиши Дритон, Асани Шукри,  Далипи Мехмед и Асани Бесим.

Инаку, МВР поднесе кривична пријава против 16 лица, но по претресите уапсени беа шест лица и уште едно лице во Шпанија.

Другите деветмина од групата, меѓу кои и водачот Муареми, според МВР, подолг период престојувале во странство. На петмина им беше одреден притвор, а уапсениот во Шпанија е таму во екстрадиционен притвор.

Според МВР, оваа криминална група плановите и договорите, за извршување на кривичните дела ги правела преку непосредни контакти или со користење на енкриптирани телефони во кои била инсталирана апликацијата „SKY“, а која ја користеле членовите на организираната криминална група.

Оваа група организирала две набавки и транспорти на кокаин од латиноамериканските држави до земјите од Европска унија и Македонија, а има докази за вклученост во убиства и обиди за убиства.

Фросина ФАКОВА – СЕРАФИНОВИЌ

Поврзани новости