Објавена листата на добитници на стипендија за средношколците од Спортската академија

by Fokus

Министерството за образование и наука ги објави резултатите од Конкурсот за доделување стипендии за ученици запишани во Државното средно училиште „Спортска академија“ за учебната 2022/2023 година.

Објавен е списокот со 156 ученици кои ги исполнуваат условите од Конкурсот. Добитниците на стипендии треба до 21 ноември 2022  да го потпишат договорот за стипендија со Министерството за образование и наука, кој е достапен на веб-страницата на МОН.

-Сите кандидати кои нема да го почитуваат овој рок ќе се смета дека се откажуваат од стипендијата, наведува МОН во објавата на резултатите.

Стипендијата за ученици во ДСУ „Спортска академија“  достигнува  месечен износ од 3.500 денари и се добива во текот на учебната година сè додека корисникот ги исполнува условите наведени во член 4 од договорот кој гласи:

Корисникот на стипендија се обврзува:

  1. Редовно да ја запишува наредната годината на образование, да постигне континуиран успех од оценките од најмалку 4,00 и одличен успех 5 (пет) од изборниот предмет тренинг од избраниот спорт на крајот на учебната година согласно Конкурсот и да го заврши средното образование во рокот предвиден со Законот за средното образование.

 

  1. На почетокот на секоја учебна година, до давателот на стипендијата да достави потврда за запишана наредна година на школување и свидетелство со остварен успех од претходната година, најдоцна до 30 септември секоја година, се до завршувањето на средното образование.

    3. Во случај на промени чие настанување влијае врз условите за стекнување или користење на правото на стипендија, како што се: промена на училиштето, прекинување на понатамошно школување, добивање стипендија или кредит од друга установа или фирма, престој во странство, како и други промени, корисникот на стипендијата е должен за тоа да го извести давателот на стипендијата во рок од 15 дена од денот кога настанала промената, во спротивно давателот на стипендијата ќе изврши наплата на веќе исплатените стипендии.

    4. На денот на потпишувањето на договорот да достави број на трансакциона сметка, од било која банка во Република Северна Македонија, на која давателот на стипендијата ќе врши исплата на средствата од член 2 на овој договор.

 

Поврзани новости