Објавена енциклопедија на тетовското село Вратница целосно напишана на тамошниот дијалект

by fokus

Објавена е „Вратничка енциклопедија“ целосно напишана на дијалектот на кој се зборува во тетовското село Вратница, при општина Јегуновце. Книгата изобилува со многу документи и фотографии поврзани со историјата на македонскиот народ во овој регион.

Меѓу големиот број историски документи се наоѓа дозвола за влез во Соединетите Американски држави од 1910 година на жител од селото каде меѓу другото пишува дека доаѓа од Вратница, Македонија, држава Турција. Ѓеро Ѓорѓи Антов од фамилијата Степановци кој тогаш има 28 години е човекот од документот за кој во енциклопедијата се тврди дека е доказ за почеток на ерата на одење на иселување во Америка, состојба со која се соочува селото и во денешницата.

-Во овој документ е запишано неговото второ одење во Америка на 1 јуни 1910 година, каде исто пишува дека во САД бил од 1905 до 1908 година. Кога по втор пат бил во Америка имал 28 години. Во документот Вратница по грешка е пишана Кратница, а како што кажал Ѓеро Антов така и стои дека доаѓа од Вратница, Македонија, држава Турција. Вториот пат доаѓа кај браќата кои живееле во Сент Луис, Мисури. Документот е издаден од американската служба за емиграција, пишува на вратнички дијалект во книгата чии автори се Стево Томовски и Душан Синадиновски иселеник во Америка.

Синадиновски во САД го има најдено документот кај потомците на семејство Антов.

Една од поневообичаените фотографии кои се наоѓаат во енциклопедијата е од погреб на 18 годишниот Симче Настоски во 1944 година.

-Тој е еден од 13 младинци кои бугарската војска во 1944 година ги убива затоа што добива информации од шпиони дека им помагале на партизаните. Биле убиени во петок, а во недела Симче требало да прави свадба. Во неделата, мајката на Симче од тага побарала од сите што дошле на погребот да дојдат во свечени носии, како за свадба. Сакала да се овековечи моментот па повикала и фотограф од Тетово, што за тоа време било многу тешко изводливо, но сепак стигнал и ја направил фотографијата од погребот, вели Живе Ќироски, технички уредник на изданието.

Целата книга е напишана на вратнички дијалект, според кој не се користи буквата Њ.

Поврзани новости