Ски центарот Маврово го објави ценовникот за сезоната 2019 – та.
Дневната карта за возрасни изнесува 1.100 денари, а за деца 800 денари. Четринаесетдневна за возрасни е 11.500 денари, додека за деца се нуди по цена од 8.300 денари. Сезонската ски карта, пак чини 20.000 денари за возрасни и 14.000 денари за деца до 12 години. За локалното население, сезонската карта изнесува 13.000 денари за возрасни и 10.000 денари за деца. Сезонската карта за жичара е 3.000 денари за возрасни и за деца.
Од управата информираат дека повеќедневните карти се непреносливи, се издаваат лично, и за истите барателите ќе бидат фотографирани на билетарите, со цел да не ги даваат на користење на друго лице.
Според коментарите на социјалните мрежи од страна на љубителите на скијањето, се работи за цени неприфатливи за нашиот животен стандард. Граѓаните се жалат дека со овие цени на ски картите скијачите повторно ќе ги наполнат ски центрите во соседството, односно во Србија и Бугарија. Некои од нив бараат да се воведат семејни пакети, бидејќи како што тврдат, едно просечно семејство со две или три деца, за еден викенд треба да одвои најмалку 200 евра за билети. Ски центарот Маврово годинава набавил современа опрема за правење на вештачки снег, која што се користи во престижните ски центри во светот. Инвестицијата изнесувала околу 700 илјади евра. Со овој новитет се надевале дека ќе го продолжат траењето на ски сезоната на околу 100 дена во годината.
Вики Клинчарова