Околу 2,7 килограми сребрен накит, 33 часовници и 160 парчиња облека со вкупна вредност од над 500.000 денари се запленети од мобилни тимови на Секторот за контрола и истраги во три контроли на влез во државата на граничните премини Богородица, Блаце и Табановце во текот на изминатиот викенд.
Со овие акции е спречен обид за шверц и избегнување плаќање царински давачки од околу 150.000 денари.
Во првиот случај, како што информираат од Царина, двајца сопружници на влез во државата на граничен премин Богородица се обиделе нелегално да внесат околу 2,7 килограми сребрен накит. Накитот е откриен при контрола на куферите, при што во внатрешните џебови од облеката се пронајдени 37 пакувања со сребрен накит, а во возилото се пронајдени и три сметки од накитот кои биле на име на сопружникот.
Во вториот случај, станува збор за часовници што мобилниот тим на Царинска управа ги открил при контрола на автомобил на граничниот премин Блаце. Часовниците возачот на автомобилот ги скрил во црни ќеси кои ги ставил зад совозачкото седиште.
На граничниот премин Табановце при извршена контрола на автобус откриени и запленети се 160 парчиња облека наменета за продажба на македонскиот пазар. Автобусот кој сообраќал на релација Белград – Скопје е селектиран за детален преглед при што под клупите и во фабричката шуплина над задните десни тркала се пронајдени непријавените парчиња облека.