Сашо Тасевски, обезбедувањето на Оливер Спасовски денеска сведочеше во Кривичниот суд, за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села од Алијансата за Албанците во Собранието.
По радиоврска слушнав дека во Собранието демонстранти влегле на сила, по што се упатив кон прес центарот. По влегувањето, толпата беше многу агресивна, упатуваа закани кон пратениците, меѓу кои и кон Села. Тие имаа цел кон Села, Заев и Оливер Спасовски. Освен што имаше вербални закани имаше и физички напад. Застанав во заштита што е моја задача. Не дозволивме да излезат пратениците од заштитниот обрач, а имаше обиди да се разбие, бидејќи дел од лицата викаа дека се полицајци и дури имаа значки – рече сведокот.
Тој појасни дека целта на овие луѓе им била да извлечат некој од пратениците или да ги намамат во некоја просторија, па да се реализира неповолно сценарио.
„Со јамки направени од јажиња се обидуваа да фатат некој од пратениците и да ги извлечат настрана – појасни сведокот.
Тој додаде дека насилниците мавале со се што ќе им дојдело при рака. Сведокот истакна дека како влегувала толпата, кога ќе го забележале Села, биле агресивни кон него.
Во еден момент забележал како некој Села го извлекува од заштитениот обрач во кој биле останатите пратеници.
-Не видов кој го извлече, зошто според нашата обука ние ги гледаме рацете, насочени сме кон нив, не кон лицето, рече сведокот.
Тој додаде дека потоа го видел Села како лежи и го клоцаат. И тој го посочи обвинетиот Тоста, кој носел црн елек, дека бил во близина на Села. Но, освен вербални закани, не приметил физички да нападне некого.
Кога влегол пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев и Тоста се ставил во заштитна функција на пратениците.
В.В.