Обезбедени 2,7 милиони денари, платите во „Колска“ ќе бидат исплатени по деблокирање на сметката

by fokus

Обезбедини се 2,7 милиони денари за плати на вработените во фабриката за шински возила „Колска“ од Велес и ќе бидат исплатени веднаш по завршување на правните процедури за деблокирање на сметката, информира денеска премиерот Зоран Заев.

Како што појасни, министерот за транспорт Горан Сугарески обезбедил 2,7 милиони денари за платите, но има определена процедура според закон во денови за да се одблокира сметката.

„Тоа е правна процедура. Законот не треба да се крши. Штом ќе биде одблокирана сметката од Управата за јавни приходи, на што работи новата директорка, платите веднаш ќе бидат исплатени“, изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата.

Вработените во „Колска“ кои поради неисплатени шест плати и нерешен статус штрајкуваат еден месец, изутрина од седум до девет часот ги сопреа петте воза кои во тој термин поминуваат низ Железничката станица во Велес. Најавија дека ќе продолжат со блокадите се додека не им бидат исполнети барањата за исплата на платите и решавање на статусот на „Колска“. Блокада најавија и за утре од седум до 10 часот.

 

Поврзани новости