Обединетите Арапски Емирати потенцијален домаќин на средбата Трамп-Путин

by Fokus

Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) би можеле да бидат потенцијален домаќин на средбата меѓу новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.

Според Олег Карпович, проректорот на Дипломатската академија на руското Министерство за надворешни работи, ОАЕ би можеле да бидат место за средба на двајцата светски лидери.

Карпович нагласи дека Трамп за време на неговата кампања изјавил дека сака да придонесе за решавање на украинската криза.

„Дојде време да преминеме во конкретна фаза на исполнување на дадените ветувања“, рече тој.

Карпович додаде дека Трамп разбира оти политиките на администрацијата на Џо Бајден во заминување дополнително ја продлабочиле кризата во руско-американските односи, оценувајќи дека сегашната ситуација по сериозност ја надминува дури и историската криза на Карибите.

„Светот денес е исклучително напнат и треба да се преземат конкретни чекори“, додаде Карпович, пренесува ТАСС.

Тој ја отфрли Швајцарија како опција поради нејзиното придржување кон антируските санкции.

„Швајцарија повеќе не е неутралната земја како некогаш“, рече Карпович. Во овој контекст, Блискиот Исток, а особено ОАЕ, е логичен избор поради неговата историја на успешно организирање меѓународни преговори и состаноци, вели тој.

Карпович потсети и на изјавите на Путин за време на неговата традиционална сесија на прашања и одговори во декември, кога рускиот претседател рече дека е отворен за средба со Трамп доколку новоизбраниот американски претседател го предложи тоа.

„Се разбира, нашите потези ќе зависат од фактичката ситуација на теренот. Руските трупи напредуваат“, заклучи Карпович, осврнувајќи се на случувањата во Украина.

Поврзани новости