Со фотографија од Никола Груевски и Сашо Мијалков, на кои пишува „банда криминална“, владејачката Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски реагираше на веста дека двајцата братучеди Груевски и Мијалков се најдоа на црната листа на САД.
„Веднаш по објавување на имињата на бегалецот Никола Груевски и неговиот братучед на црната листа на САД, денешното раководството на ДПМНЕ наместо да се огради од криминалните дела на нивниот екс лидер (или можеби во сенка сѐ уште сегашен лидер) тие застануваат во негова одбрана и преку нивни платени медиуми шират омраза и црна пропаганда“, соопштија од ОМ.
Инаку, лидерот на оваа партија Бошкоски, исто така, беше на оваа црна листа, меѓутоа, како што велат од неговата партија, во комуникација со американски конгресмени и членовите на Стејт Департментот разбрале дека ќе биде тргнат.
„Да ве потсетиме дека претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски беше ставен на црната листа на САД во време кога Македонија се соочуваше со воена криза. Стејт Департментот на кој вие се повикувате, во времето на криминалната банда на Никола Груевски (која беше и главната причина поради која коалициравме со СДСМ и здружената опозиција), во официјален извештај нагласи дека Македонија има политички затвореник, потенцирајќи го токму претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски“, велат од ОM.
Инаку, тој беше уапсен и потоа осуден за нелегално финансирање на партијата после изборите во 2011 година, во пресрет на кои, на еден од предизборните митинзи, рече „бандо криминална“, обраќајќи се кон тогашната „фамилија„ на власт.