Обединети пред силата на неправдата

by Фокус

Украина не смее да остане изолиран случај. Таа е симбол на отпорот кон рудиментарното и искра надеж во борбата со ретроградното во светот. Убеден сум дека ќе се обединиме за слободата за која се избориле нашите предци и ќе ја оправдаме личната одговорност како припадници на слободниот свет

Пишува: Перо КОСТАДИНОВ

Деновиве сме сведоци на нeзабележана катастрофа во Европа, од Втората светска војна наваму. Зависно, следиме домашни и светски медиуми, очекуваме нови вести од случувањата во Украина и сведочиме за крстопатот пред кој е исправен светот. Се губат нијансите од минатото и преку украинскиот траор се судираат боите на демократијата и новиот авторитаризам, кој е во налет.

Современите демократски општества се исправени пред најголемиот предизвик за опстанокот и соочен е со суров и неколеблив авторитарен идеал, основан на фундаментална догма од каде што црпи нереален легитимитет.

Новите автократски системи докажуваат дека се бескруполозни и непредвидливи, додека демократскиот свет е премногу колеблив, неединствен и многу често бавен. Тоа е разликата што ѝ дава првична предност на автократите, но го принудува демократскиот, либерален свет на промени, ако сака да опстане.

АВТОРИТАРНИ ТРЕНДОВИ

Како општество, ние не сме имуни на овие случувања. Го делиме предизвикот со остатокот од светот и не сме остров во процесите. Сведочиме на сериозна поддршка на авторитаризмот како концепт, во нашата демократска држава и глорифицирање на автократот како неопходен елемент во реализирањето на сопствениот идеал од голем број граѓани.

Зад нас се години со авторитарни трендови на владеење и поддршка на истите од дел од нашето национално ткиво, како и од надворешните сили. Разрешувањето со последиците е ужасно тежок и бавен процес. Соочени сме со силен отпор од повеќе јадра во заедницата, кои во меѓувреме се вкорениле длабоко во македонската држава и македонскиот вредносен систем, што е најлошо.

Потребна е силна и организирана акција, која ќе опфати повеќе општествени сфери за да го искорени семето што реално ја уништува слободата на нашата нација. Во моментов имаме задача да го изодиме патот докрај, да го унапредиме нашето општество и да внимаваме на влијанијата од опкружувањето и раѓањето нови никулци на авторитаризмот во нашето општество.

Во спротивно, ова што денес се случува во Источна Европа, многу бргу може да биде реалност на Балканот или во остатокот од светот. Затоа, масовноста на протестите во светските метрополи против руската агресија е од исклучително значење.

Испраќа пораки на обединетост околу воспоставениот вредносен концепт, демонстративно се отфрла можноста за воспоставување нов во западните општества и се охрабруваат сопствените политички раководства со сите возможни средства да ѝ помогнат на Украина и на украинскиот народ.

Ќе поскапат енергенсите и кризата ќе ја почувствуваат сите граѓани на Европа, но солидарноста денес со украинските граѓани е поважна од сето тоа. Не смее да се дозволи да завладее агресивен историски ревизионизам на европска сцена и сурово воспоставување нов општествен поредок на нашиот континент.

ПОТРЕБНА Е БУДНОСТ

Рамнодушноста кон руската агресија денес ќе биде повеќекратно немилосрдна во следниот нејзин чекор и можеби ќе биде доцна истата да се сопре. Прашањето до секој европски граѓанин денес е дали летаргично ќе го преспие овој историски момент или, пак, храбро ќе се спротивстави и ќе го одбрани идеалот во кој верува. Будноста сега е поважна од кога било претходно.

Војната не носи никому добро. Го сакаме мирот, веруваме во соработката и убеден сум дека на крајот ќе преовлада разумот и човечноста. Преку дијалог да успееме да го стабилизираме поредокот на долг рок и да научиме да живееме со супстанцијалните разлики во вредносните концепти на денешницата. Но, дотогаш силно да го поддржиме гордиот украински народ и идеалите во кои верува.

Украина не смее да остане изолиран случај. Таа е симбол на отпорот кон рудиментарното и искра надеж во борбата со ретроградното во светот. Убеден сум дека ќе се обединиме за слободата за која се избориле нашите предци и ќе ја оправдаме личната одговорност како припадници на слободниот свет.

Ние сакаме општество на слободни индивидуи, толерантни заедници, плурализам, секуларизам и умереност. Тие сакаат едноумие, колективизам втемелен на фундаменталистичка догма и бесмислен фанатизам.

(Авторот е потпретседател на СДСМ)

Поврзани новости