Невладината „О2 Иницијатива” соопшти дека се разочарани од најавата на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова дека ќе го потпише Указот за прогласување на измените на Законот за урбанистичко планирање што беа изгласани на 13 август во Собранието.
Велат дека од претседателката на државата очекувале принципиленост и доследност во застапување на правните принципи поради важноста еден ваков закон да биде донесен со широка јавна расправа.
„Со големо разочарување ја слушнавме најавата на претседателката Сиљановска – Давкова, за нејзината одлука да го потпише Указот за прогласување на измените на Законот за урбанистичко планирање. Со оглед на заедничката историја која со сегашната претседателка ја имавме додека беше во функција на пратеничка во Собранието, очекувавме принципиелност, и доследност во застапување на правните принципи и важноста еден ваков закон да биде донесен со широка јавна расправа, бидејќи состојбите на терен се и бездруго катастрофални, а не поведување под популистичкото мото: „училишта, градинки, болници“, кои се само еден мал дел од вкупните измени што се донесени“, се вели во реакцијата на „О2 Иницијатива“.