O2 Иницијатива до Рашковски: До каде сме господа со линданов? Нешто конкретно да соопштевте?

by Fokus

Јули тече, уште нема никаква информација од генералниот секретар Драги Рашковски, од Влада на Република Северна Македонија до каде сме со отстранување на линданот, живата и другите опасни и токсични супстанции од бројните депонии на Охис, велат од О2 Иницијатива.

-Рашковски го води процесот за конечно решавање на проблемот со линданот од Охис, член на работната група за решавањето на проблемот со линданот од Охис формирана од Владата во мај 2018. Тој минатиот декември изјави дека ќе се чистат двете депонии истовремено и големата и малата. Чистењето ќе чини помеѓу 40 до 260 милиони евра во зависност кој метод ќе се избере. Од три до пет години ќе трае процесот на чистење на двете депонии. Во декември 2018 Владата потпиша меморандум за соработка со Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации (UNOPS) и со министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка, за чистење на токсичниот отпад – линдан – во поранешната фабрика ОХИС и формирање на заеднички Фонд за таа цел.

Од оваа невладина организација прашуваат колку средства се собраа за отстранување на линданот од ОХИС? Која метода ќе се користи?

Влада на Република Северна Македонија минатиот август донела одлука да се формира комисија која ќе работи на утврдување на веродостојноста на информацијата за можноста да има дива депонија на линдан надвор од кругот на фабриката ОХИС, како во Пеленица која уште од 2008 година се појавува во ЛЕАПот на општина Кисела Вода и потреба да се испита со оглед дека и Охис и Стаклара депонирале опасен отпад тука. Во декември МОН под притисок на јавноста и медиумите забрани екскурзии на ученици во Пеленица. Депонијата во Пеленица се ветуваше дека до Нова Година ќе се огради како ризична зона. Тендерот се објави дури на 22 март, за жичана ограда да се постави после два месеца. До пред месец и пол немало никакви табли со предупредување дека се работи за локација со опасен отпад и забрана за влез. Дали во меѓувреме се поставени, нема информација. Се смета дека има и трета депонија во кругот на фабриката Охис, покрај големата и малата, велат од невладината.

Кога ќе се започне со потребните анализи во Пеленица и третата депонија во Охис? До кога ќе се чека на прелиминарните првични анализи?, прашуваат од О2 Иницијатива.

Поврзани новости