Собранието денеска на пленарна седница со 64 гласа „за“ и 11 „против“ експресно и без дебата ги донесе измените на Законот за урбанистичко планирање, во скратена постапка, а кои ги предложи министерот за транспорт Александар Николоски.
Измените на Законот жестоко го критикуваа невладините организации, кои реагираа дека е недозволиво тие да се носат во скратена постапка и дека со нив ќе се направи дополнителен урбанистички хаос.
Од „Иницијативата О2“ гласно реагираа против, како што велат, продолжување на можноста деталните урбанистички планови да се прават по стариот закон, со застарени податоци и во нетранспарентна процедура.
„Бараме согласно вашите законски надлежности како Претседател на РСМ да не го потпишувате указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, кој е донесен по скратена постапка на 13.08.2024 и го вратите законот на повторно разгледување во Собранието со задолжително спроведување на јавна расправа на која ќе присуствува стручната јавност и граѓанските организации. Овој закон е донесен по скратена постапка, иако последиците од него се огромни и нè засегаат сите. Донесен е без јавна расправа, без консултации со стручната јавност, без објавување на Единствениот Национален Електронски Регистар на прописи на РСМ (ЕНЕР) со можност да се дадат коментари и да се влијае во процесот на негово донесување, без задолжително известување на сите засегнати здруженија на граѓани и невладини организации. Ваков суштински закон чии последици ги трпиме сите не смее да се донесе без јавна расправа и учество на стручната јавност и граѓанските организации“, се наведува во барањето на „О2 Иницијатива“.