Судиите и обвинителите во центарот на скандалите, но не се плашат од ветинг

by fokus

Најавата за прочистување во редовите на судиите и јавните обвинители стана увертира во скандалите кои се редеа потоа, а централно место добија судиите и обвинителите.

Јавната сцена прво ја вжешти „војната“ меѓу обвинителката Вилма Русковска и судиите од Апелацискиот суд, кои ја пуштија поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева во домашен притвор.Потоа, осамнаа милионските додатоци, кои ги земале поранешните специјални јавни обвинители за слушање на доверливи разговори.А,последни во низата се уставните судии,кои отворија расправа за спорниот член поврзан со аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Сепак, судиите и обвинителите кои ги контактиравме, тврдат дека најавите за ветинг не ги плашат. Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев каде се водат случаите кои предизвикуваат најголем интерес во јавноста, се повика на изјава која ја дал неодамна за ветингот и во која вели дека нема никаков проблем со ветингот.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

„Сметам дека е потребно да се направи ветинг и во судството, со цел да се отстранат сите сомнежи во однос на чесноста на судиите “, рече Џолев.

Официјални коментари за најавениот процес нема од Апелацискиот суд, но неофицијално коментираат дека не се плашат од најавената проверка, бидејќи имотот на судиите е под постојан надзор на Антикорупциската комисија. Тие коментираат дека не треба да се прави специјален процес за нивна проверка, бидејќи постојат институции, кои постојано можат да ја контролираат нивната работа.

И в.д. претседателот на Врховниот суд, Фаик Арслани за Фокус вели дека судството има капацитети да се прочистува и тој лично не се плаши од ветинг.

 

 

 

 

 

 

 

 

„Судството во Република Северна Македонија има капацитет да се „самопрочистува“, односно надлежните институции како што е Државната комисија за спречување на корупцијата, Судскиот совет и другите надлежни институции да ја вршат својата функција за која се конституирани.Постапката за утврдување одговорност на судија е од доверлив карактер, се води без присуство на јавноста и со почитување на угледот и достоинството на судијата или претседателот на судот, при што се води сметка за заштита на личните податоци на судијата или претседателот на судот, согласно прописите за заштита на личните податоци“, вели Арслани.

Обвинителката Вилма Русковска во изјава за „Фокус“ вели дека лично смета дека е потребен ветинг и тоа не само за обвинителите, туку и за судиите.

„Треба претходно да се видат најдобрите практики. Во процесот лично мислам дека треба да учествуваат странски експерти за да нема никаков сомнеж во објективноста и непристрасноста на целиот процес“, вели Русковска која потенцира дека ова е нејзин личен став.

Исто како и пред изборите, пред да дојде на власт во 2016 година, кога најавуваше дека ќе го распушти судството преку генерален реизбор, премиерот Зоран Заев и пред сегашните избори удри по судиите, најавувајќи го прв ветингот меѓу судиите и обвинителите. За ваквата идеа се согласуваат и коалиционите партнери од ДУИ.

„Ново е тоа што сега ќе инсистираме на еден брз процес на продуцирање кадри за судии и обвинители. Тоа веќе стартуваше, 60 кандидати веќе завршуваат, ќе има и уште нови 60 кандидати. Верувам дека со ЕУ ќе обезбедиме и брза трака за оние со над 5 години работно искуство, како што се стручните соработници во судовите, адвокати, професори до над 5 години работно искуство, да имаат пократок период на учење низ академијата“, вели Заев.

После Заев, детали за прочистувањето меѓу судиите најави и министерката за правда, Рената Дескоска. Таа појаснува дека покрај испитувањето на имотната состојба на судиите, ќе се проверат и евентуални влијанија во носењето судски одлуки, а тоа важи и за јавните обвинители.

„За да може да си објасниме зошто некои случаи се водат како што се водат, мора да видиме дали има влијание зад тие случаи, дали влијаат политичари, сегашни, поранешни, дали влијае адвокатската фела, дали влијае криминално подземје, лоби-групи, бизнис-центри на моќ“, вели Дескоска.

За донесување на закон за ветингот ќе биде потребно двотретинско мнозинство, аргументи постојат, но Дескоска чека зелено светло од Европа за спроведување на ваков процес.

Дескоска лично смета дека во овој процес треба да учествуваат претставници на европските институции. „Да имаме на некој начин не само мониторинг, туку активно учество во таа Комисија за ветинг од лица, коишто ќе претставуваат европски институции. Покрај антикорупционери, коишто ја разбираат проблематиката,луѓе коишто го разбираат функионирањето на судството,да има и лица коишто се претставници на странски институции, за да бидат гарантори на тој процес“ смета Дескоска.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости