О’Брајан: Многу добра рунда разговори со лидерите на Србија и Косово

by Frosina Fakova

Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Роберт О’Брајан вечерва изјави дека лидерите на Србија и Косово постигнале вистински напредок за време на денешните разговори во Белата куќа.

„Многу добра рунда разговори попладнево со лидерите на Србија и Косово. Тие денеска постигнаа вистински напредок. Економската нормализација значи работни места за младите. Разговорите ќе продолжат утре”, напиша О’Брајан на Твитер.

Тој им се заблагодари на Фондот за развој на САД (ДФЦ), на Меѓународната агенција за економска помош МЦЦ и на американската ЕКСИМ банка, чии претставници учествуваа во преговорите меѓу Србија и Косово.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој ја предводи српската делегација во Вашингтон, вечерва изјави дека се надева оти делегациите од Белград и Приштина ќе постигнат договор во Вашингтон, додавајќи дека во неформалните документи има „многу добри работи за економијата“.

Тој рече дека Белата куќа зборува за инфраструктурни проекти, поврзување на Белград и Приштина, но и за натамошно позајмување и инвестирање пари преку гарантни шеми.

-Се уште се бориме, не сум сигурен дека ќе можеме да склучиме договор дека американскиот ДФЦ ќе отвори канцеларија во Белград и дека Приштина ќе го прифати Малиот Шенген, со американски гаранции. Постојат уште некои политички аспекти, рече српскиот претседател.

Вучиќ ја отфрли можноста дел од договорот да биде одредба за взаемно признавање меѓу Србија и Косово, што беше во првата верзија на предложениот документ, но подоцна беше отфрлена поради противење на српската делегација.

Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти попладнево почнаа дводневни преговори во Белата куќа. Домаќин на состанокот е О’Брајан и специјалниот пратеник на американскиот претседател за преговори за Србија и Косово, Ричард Гренел.

Поврзани новости