Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Џејмс О’Брајан во интервју за државната МИА изразува уверување дека истиот дух на единство кој, како што вели, го покажала Европската Унија на декемврискиот самит, кога беше донесена одлука за почеток на преговори со Украина ќе преовлада и во однос на препреките со кои се соочуваат земјите во регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија.
Тој потенцира дека претстојните двојни избори се јасен избор помеѓу луѓе кои имаат пат кон Европа и луѓе чие минато покажува дека не се заинтересирани за пристапување во ЕУ.
– Примерот со одлуката за Украина го покажува единството во Европската Унија околу проширувањето. Ова единство недостигаше веќе некое време, но сега постои заложба и признание дека сега е моментот за тоа. Сметам дека истиот дух ќе преовлада и во однос на некои од пречките за секоја поединечна земја, вклучително и Северна Македонија, која презеде храбри чекори, го промени името и Уставот во еден наврат, сега се соочува со уште едно барање, но фокусот на европските политики и геополитиката е сите земји да бидат дел од ЕУ. И повторно, затоа се важни овие избори. Доколку луѓето продолжат по патот на кој се наоѓаат, јас сум уверен дека процесот ќе се движи напред во следните неколку години. Доколку се потрошат годините барајќи друг пат, тоа мислам дека ќе го успори напредокот на земјата кон Европа – изјави О’Брајан.
Говорејќи за уставните измени и за извесноста дека тие нема да бидат донесени во актуелниот состав, но и ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека не прифаќа бугарски диктат и оти откако ќе дојде на власт ќе бара решение за евроинтеграциите, американскиот дипломат вели дека во претстојните процеси е особено важно сите да земат учество и да ги кажат своите ставови.
– Затоа е особено важно сите да земат учество и јасно да ги искажат своите ставови. Како што кажав во текот на мојата претходна посета во ноември, важно е да се прашаат кандидатите каков им е планот за во иднина. Има еден пат што е означен, тој е контроверзен, и секој граѓанин треба да донесе сопствена одлука. И постои пат што не е опишан и реално е прашањето дали воопшто постои или само претставува погоден начин за да се избегне да се каже дека всушност нема пат – вели О’Брајан.
Во врска со посетата на лидерите на трите албански опозициски партии, кои се дел од „Европскиот сојуз за промени“, Гаши, Касами и Меџити, на САД токму пред престојните избори, О’Брајан не даде конкретен одговор, но напомена дека колку е пофрагментиран политичкиот простор, толку понејасна ќе биде пораката.
– Сепак, ова е одлука што треба да ја донесат политичарите и граѓаните – додаде О’Брајан.