Како Влада очекувам во 2023 година да се фокусираме на долгорочни мерки за аерозагадувањето, пред се на изградбата на гасоводот, бидејќи само со што поскора гасификација на државата ќе можеме трајно да го решиме проблемот. Дополнителни активности ќе бидат субвенциите што преку Министерството за економија ќе се даваат за стимулирање на користење на обновливи извори на енергија. Но очекувам во оваа година повеќе да се насочиме и кон секторот транспорт како извор на загадување, истакна за МИА министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.
Зборувајќи за Извештајот на Европската комисија за 2022 година за земјава, Нуредини потенцираше дека продолжуваат посветено да работат на исполнувањето на предвидените политики од амбициозниот национално определен придонес кон Договорот од Париз, Третиот двогодишен извештај за климатски промени и Долгорочната стратегија за климатска акција и акционен план, со која се предвидува транзиција од јаглен кон чисти и обновливи извори на енергија, градење на просперитетна економија која следи одржливи и климатски отпорни патеки за развој, подобрување на конкурентноста и промовирање социјална кохезија преку акција за борба против климатските промени и нејзините влијанија.