Министетството за животна средина никогаш нема дадено дозвола за увоз на индустриски отпадни горива, па ако биле увезени вакви горива во нашата земја под лажна претстава дека тоа е мазут, тогаш тоа е криминално дело, изјави министерот Насер Нуредини.
-Ако се точни информациите, ќе има одговорност за оние кои го стоириле тоа. Ова е ризик за јавното здравје на нашите граѓани и тоа нема да го дозволиме. Побарав Царината да ги спореди сите документи со институцијата од која потекнува ова гориво за да бидеме сигурни дека ништо не е променето од местото на потекло, кое може да е која било земја од ЕУ. Од таму до нашата граница да се утврди дали имаат исти, идентични кодови за материјалот кој го имало во резервоарите. Вака и ние ќе знаеме дали производот пристигнал таков како што е наведено од почетната дестинација во нашата земја. Ако имало промени во меѓувреме, тогаш ќе знаеме дека нешто, според мое мислење, иако не сум адвокат, е криминал, фалсификување документи – рече Нуредини на Сител.
Тој нагласи дека сите надлежни институции мора заедно да работат на ова и дека Владата бара расчистување на случајот.