Нуредини: Најголем предизвикувач на аерозагадувањето е загревањето на објектите

by Фокус

Земајќи го предвид фактот дека Скопје е во котлина и со познатите метеоролошки услови кои ја ограничуваат дисперзијата на емисиите и ги олеснуваат хемиските реакции со кои се создаваат секундарни честички, ќе продолжиме да се соочуваме со смог додека не го смениме начинот на греење, не ја модернизираме мобилноста и не ги контролираме подобро индустриските емисии, истакна во интервјуто за МИА министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

-Влегуваме во грејната сезона кога настанува и температурната инверзија. Според анализите што ги имаме, забележани се неколку дена со благи надминувања на среднодневната гранична вредност за РМ10 на одредени мерни места. Од податоците кои пристигнуваат во мониторинг системот за квалитет на воздухот може да се види дека во периодот околу 16:00-17:00 часот до полноќ, концентрациите на PM10 се зголемуваат најмногу. Би сакал да укажам уште еднаш дека согласно на националното закондавство, кое е усогласено со ЕУ регулативата, се врши споредба на среднодневните концентрации со среднодневната гранична вредност (50 mg/m3), а не на часовните вредности – вели Нуредини.

Како што вели тој, сите направени анализи укажуваат дека најголемиот придонесувач за загадувањето во зимскиот период е начинот на кој ги загреваме објектите.

-И тука би сакал да потенцирам дека не станува збор само за домовите, туку и јавните згради. Потоа исто така го имаме и застарениот возен парк, при што според истражувањата возилата се стари во просек по 16 години, и секако индустријата. Оваа есен штотуку започнавме активност во партнерство со Шведската Влада преку СИДА, UNDP и Градот Скопје при што поставивме две нови станици што ќе собираат податоци во текот на 12 месеци за да се анализираат изворите на загадување – истакна министерот за екологија.

Поврзани новости