Новата година ширум светот се слави како еден вид на нов, поубав почеток, исполнет со очекувања за здравје, среќа, успеси и нови достигнувања, како на лично, така и на општествено поле. Годината која ја испраќаме, на глобално ниво не донесе нешто по кое светот би жалел, напротив, пандемијата, економската и политичката криза ја обележа како една од најкатастрофалните.
Во очекување на Новата, 2022 година, нумерологот Драгица Стевковска за ,,Фокус” вели дека според нејзините нумеролошки анализи, она кое го очекува нашиот народ, нема да биде лесно.
-Не чека бурна година од сите аспекти. Здравје, политика, временски аспекти… На прашањето во каква година влегува Македонија, а и светот, ќе кажам, во тешка. Иако по природа сум позитивна личност која ја гледа убавата страна на нештата, овојпат морам да ја кажам вистината.
Уште на почетокот на годината ќе започнеме со нервози, превирања, сиромаштија и многу негодувања од народот. Смртни случаи ќе има. Минатата година помина со смртност на познати и јавни личности, и оваа година ќе ги има.
Месец февруари ќе биде потежок на политички план, и се разбира, материјалната страна за граѓаните.
Во март е можна природна појава која ќе нанесе материјални штети, од карактер на поплави и земјотреси. Во април пак, треба да се внимава на одржување на денарот. Значи, финансиите ќе бидат под прашалник, како и банките во нивното работење.
Во мај ќе имаме турбуленции и неубави настани, но по 15-ти мај очекуваме расчистување и постепено ,,дишење”. Значи, кон крајот на мај можеме да земеме здив – појаснува за првата половина од новата година Стевковска, која се занимава со нумерологија повеќе од 20 години е препознатлив лик од ТВ екраните.
Вели дека и било предизвик да ја изучува моќта и говорот на бројките, кои кажувале многу нешта. Нивниот збир секогаш завршувал со едноцифрен број, чие читање било најважно во толкувањето на нумерологијата.
За втората половина од 2022 година, раскажува дека летото нема да биде мирно и такво какво што можеби го очекуваме.
-Повторно политиката и вирусот ќе имаат примат на нешто кое треба да се следи. Оваа година на светско ниво ќе не напушти една многу позната личност од светскиот врв. Кога ја правев комплетната нумеролошка слика на светот за 2022 година, некако Македонија ќе помине со најлесни последици, што секако е една убава надеж – тврди Стевковска.
За крај, додава дека годинава ќе не спаси само упорноста, здружените сили, и упатствата по кои треба да се движиме.
Вики Клинчарова