Ако претседателот Трамп ги прошири своите напади врз Асад, на пример воспоставувајќи безбедни цивилни зони, или уништувајќи ги сириските воздушни сили, или бомбардирајќи го Асад за да го донесе на преговарачка маса, тој ќе влезе во истата бара за која кандидатот Трамп предупредуваше, се вели во анализа на Њујоркер.
„Тој ќе треба да се справи со ризиците – воена конфронтација со Русија, засилена бегалска криза, губење на моментумот против ИСИС – што Обама детално ги проучуваше и заклучи дека се неприфатливи, барем не на штета во склоп на американските интереси.
Граѓанската војна во Сирија е најлошата геополитичка катастрофа на дваесет и првиот век. Таа одзеде најмалку 470.000 животи; поттикна бегалска криза што ја дестабилизира европската политика и го поттикна подемот на нативистичкиот популизам; и го овозможи рускиот и иранскиот авантуризам на Блискиот Исток. Шестгодишните напори да ѝ се стави крај на војната преку дипломатија не успеаја. Мешањето на регионалните и глобалните сили, во комбинација со расцепканоста на милициите и герилците на бојното поле, направија конфликтот да изгледа комплетно нерешлив. Во текот на изминатата година, поумерените бунтовници што му спротивставуваат на Асад претрпеа постојани неуспеси, вклучувајќи губење на Алепо, вториот по големина град во Сирија.
Зошто, тогаш, администрацијата на Трамп посака да истури неколку десетици ракети на ова опустошено поле?“, пишува Њујоркер:
„Едно штуро објаснување може да биде дека конфликтот во Сирија ги разори светските договори за забрана на употребата на хемиско оружје – секогаш кога Асад ќе им пуштеше гас на цивили, тој ја зголемуваше веројатноста дека и некој друг диктатор или генерал ќе го стори тоа. Изгледа чудно, сепак, да се иницира оружена интервенција за да се спречи еден вид сириско воено злосторство, но не и другите видови. Асад мачеше и погуби илјадници припадници на сопствениот народ. Сирија и руските сили рутински го прекршуваат меѓународното право напаѓајќи цивили, лекари и спасувачи со бомби и артилериски гранати. И, ако Трамп ненадејно бил поттикнат да одговори на страдањето, можеби може да почне да ја прифаќа легитимноста на Сиријците како бегалци од војна и да ги пушти да се преселат во САД.“
Преземено од МКД.