Пишува: Денко МАЛЕСКИ
(Белешки од годините на независноста)
Моето писмо до Лоренс Иглбергер
„Ваша екселенцијо,
агресивната политика на Република Грција континуирано го турка целиот регион кон една голема човечка трагедијa. Нашата влада со сета сила се труди да го одбегне тоа што е толку очигледна цел на Грција – дестабилизација на Македонија.
Сметката на Грција е многу едноставна – отсечени од нашите традиционални пазари на север, поради војната и блокадите на териториите на поранешната држава Југославија, властите во Атина наметнаа блокада и на југ, попречувајќи ја на нашата нафта преку солунското пристаниште.
Последиците од оваа политика, кои не би можеле да ги издржат и најмоќните држави во светот, предизвикаа застој на нашата економија. Очигледно е дека нивната крајна цел е да предизвикаат колапс на нашата економија, проследен со социјални немири, етнички конфликти и војна.
ПИСМОТО ДО ИГЛБЕРГЕР
Сето ова се прави затоа што една земја, спротивно на сите меѓународни норми, одлучила да ја наметне својата волја врз друга земја по прашањето за името, нејзините национални симболи, нејзината историја. Затоа политиката на Република Грција во Република Македонија се доживува како уцена. Република Македонија секогаш изразувала подготвеност за дијалог без предуслови, но, исто така, е одлучна да го одбрани своето достоинство.
Екселенцијо,
дозволете ми да ви се заблагодарам на поддршката што Вие ја давате за Република Македонија, за вашата подготвеност да соработувате со нас и особено за вашиот ангажман да се влијае врз Република Грција да дозволи слободен проток на стоки. Но, ова очигледно не е доволно.
Ве убедувам дека владата на Република Македонија ќе стори најмногу што може да ги држи под контрола нашите емоции, имајќи го предвид непобитниот факт дека нашиот сосед се однесува спротивно на здравиот разум.
Но, за да продолжиме со оваа политика, која нуди мир и разбирање меѓу сите народи на Балканот и која го смета овој регион за дел од светот и од европските интеграциски процеси, сѐ уште ни е потребна вашата помош. Учтиво ве замолувам да ги вложите сите свои сили да ја разубедите Грција во своите намери, кога веќе не може да ни ја наметне својата волја, да испровоцира војна“.
По ова писмо, во август 1992 година, Лоренс Иглбергер, сега веќе државен секретар, ме покани на разговор во Вашингтон. Овојпат, не бев дојден инкогнито. За тоа секако се погрижиле домаќините во Стејт департментот.
„ЊУЈОРК ТАЈМС“ ЗА СРЕДБАТА
„Њујорк тајмс“ ја обележа мојата средба со Иглбергер со текст на Дејвид Бајндер насловен „Соединетите Држави загрижени дека балканските војни ќе се прошират“.
Во својот прилог Бајндер пишува; „…Загриженоста од можното проширување на конфликтите што ја искажа г. Иглбергер беше споделена со министерот за надворешни работи Денко Малески од Македонија.
Тој истакна дека неговата влада поднела барање за членство во Обединетите нации, како бариера против заплеткување на ситуацијата на Балканот. Министерот за надворешни работи рече дека признавањето на Македонија од страна на само седум влади, од прогласувањето на независноста минатата година, не мора нужно да биде пречка за членство во ОН бидејќи и други земји, вклучувајќи ја и Босна и Херцеговина биле примени без пошироко меѓународно признавање.
На инсистирање на Грција, Македонија, која е доминантно словенска, не беше признаена од Европската заедница, условувајќи го со промена на името на републиката од страна на владата во Скопје. Администрацијата изјави дека ќе ја следи Европската заедница по ова прашање. Грција смета дека името Македонија е историски грчко и дека не смее да биде узурпирано.
Малески изјави дека Македонија „чувствува опасност дека ако го смениме нашето име, ќе го изгубиме нашиот идентитет“, што може да ја направи земјата уште поранлива на плановите на соседи како Грција и Бугарија“.
Во текстот, Бајндер пишува за стравот на Иглбергер војната од Босна да се прошири на југ и да зафати поголеми балкански територии, затоа што се преминува од една ескалација во друга.
Неговата грижа се однесува особено на Косово, каде што 2 милиони Албанци се репресирани од страна на режимот на Милошевиќ, пишува Бајндер. Но, стравот на Иглбергер е дека конфликтот може да се прошири и на Македонија, Албанија и Грција, вели новинарот на „Њујорк тајмс“.
ГЕРМАНЕЦОТ МЕ СПУШТИ НА ЗЕМЈА
На првата средба што ја имавме во Стејт департментот, опишана во претходните продолженија во „Фокус“, како и во комуникацијата што следеше, Иглбергер беше запознаен со нашите ставови кон војните во Југославија и спорот со Грција и на тоа имаше малку што да се додаде на оваа втора средба.
Но гестот на „Лоренс од Македонија“, сега во својство на државен секретар, да ме покани во Вашингтон и тоа да го обележи јавно, беше многу важен. Особено за оние наши соседи, кои имаа свои планови за Македонија.Тој гест беше охрабрување и до другите држави да разговараат со нас и да ме третираат како легитимен претставник на суверената држава.
На враќање од Америка, се сеќавам дека во тоа августовско деноноќие тргнав на директен пат од Вашингтон до Струга. Таа вечер, на патот со автомобил од Скопје за Струга во службениот автомобил на владата, го зедов нашиот пријател, Германецот Герд Аренс, кој патуваше за Охрид.
Аренс, во рамките на Конференцијата за Југославија на ЕЗ, претседаваше со комисијата за етнички прашања, во нашиот случај, беше модератор во дијалогот меѓу Македонците и Албанците. Со зголемен оптимизам за нашето меѓународно признавање по средбата со американскиот државен секретар, зборовите на Германецот ме спуштија на земја.
Разговорот го паметам по неговиот песимизам дека може да се најде решение за проблемите меѓу Македонците и Албанците. Беше фрустриран од сознанието дека ја вложува својата енергија во загубена кауза. На крајот, ми вели дека ќе има војна, а не мир.
Решавање на еден проблем отвора нови проблеми. Не случајно е кажано дека признавањето не е последниот, туку првиот чекор во раѓањето на една нова држава, си реков себеси.
(Продолжува)