„Њујорк тајмс“ за Лисабонската декларација

by Фокус

Помошник државниот секретар Томас Н. Најлс целосно ги поддржа грчките историски аргументи по прашањето за Македонија на сослушувањето од 23 јуни пред Комитетот за надворешни работи. Тој рече дека администрацијата на Џорџ Буш смета дека признавањето од страна на Соединетите Држави „би барало“ поддршка на грчката позиција.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

„Њујорк тајмс“ ќе ги обележи настаните околу Лисабонската декларација со текст на новинарот Дејвид Бајндер насловен: „Западот ја поддржува Атина за Македонија“.

„Грција оствари едногласна поддршка од Европската заедница и од Соединетите Држави во одбивањето да ја признае најјужната поранешна југословенска република како „Македонија“, создавајќи хаос во македонскиот парламент оваа недела.

Водачите на дванаесетчлената заедница одлучија минатата недела во Лисабон да ја признаат републиката „под име што не го содржи зборот Македонија“.

САД СО ПОДРШКА ЗА ГРЦИЈА

Помошник државниот секретар Томас Н. Најлс целосно ги поддржа грчките историски аргументи по прашањето за Македонија на сослушувањето од 23 јуни пред Комитетот за надворешни работи.

Тој рече дека администрацијата на Џорџ Буш смета дека признавањето од страна на Соединетите Држави „би барало“ поддршка на грчката позиција.

Повикувајќи се на доцните револуционерни традиции на деветнаесеттиот век, словенската република Македонија беше создадена во 1946 година како конститутивен дел на југословенската федерација.

Изјавите на Европската заедница и на Соединетите Држави предизвикаа остри реакции во Скопје, главниот град на Македонија.

Во недела, Денко Малески, македонскиот министер за надворешни работи поднесе оставка во знак на протест против одлуката во Лисабон.

Во вторник, македонскиот парламент отпочна четиридневна дебата, во која станаа да зборуваат 67 пратеници.

Сесијата кулминираше денес со декларација, која инсистира во името на републиката да биде вклучен зборот Македонија…“.

ПАДНА ВЛАДАТА

Следните денови, како член на комисија за одбрана на докторска дисертација на Правниот факултет во Скопје, уживам во спокојството на академската атмосфера.

Особено што јас не бранев ништо, а и немаше кој да напаѓа како во парламентот. Темата на одбраната, за британските интереси во Македонија во историјата, ме потсети на англосаксонската поговорка за тоа што можат и тие што не можат да се занимаваат со политика: „Кој може да го прави тоа, го прави, кој не може – држи предавања“.

Не е ни тоа лошо, помислив удобно залегнат во фотелјата додека ги следев зборовите на младиот историчар.

Не можев ни да помислам дека дваесетина години подоцна, тој ќе стане еден од идеолозите на антиквизацијата и од безбедна дистанца, јавно ќе изрази жалење што во 1991 година не пукнала барем една пушка за да сме знаеле што славиме денес!

Можно ли е да не знаел дека таа пушка ќе беше насочена во градите или во главата на некој млад војник од Словенија, Хрватска Србија, Босна или Црна Гора стациониран во касарните во Македонија?

Комплиментот што го добив во паузата на одбраната од постар професор, историчар, за мојот говор во парламентот преку римската поговорка „Не изнесувај бисери пред свињи“, прво ме насмеа, па ме замисли.

Ме замисли над можностите да се изгради консензус меѓу сите партии околу надворешната политика, за која знаев дека е најдобра можна, но која не резултираше со триумфални успеси.

Ме замисли и врз способноста на партиите да ја сфатат Черчиловата мисла дека успехот, особено во случајот на Македонија, се состои во серија неуспеси по кои не губиме ентузијазам.

Сега, помислив, друг министер ќе го бере тоа гајле. Но, настаните во домашната политика тргнаа во една, за јавноста, изненадувачка насока – падна експертската влада.

(Продолжува)

Поврзани новости