Американските власти рекоа дека има знаци дека други руски генерали можеби го поддржале обидот на Пригожин насилно да го смени раководството на Министерството за одбрана.
Висок руски генерал однапред знаел за плановите на шефот на приватната платеничка група Вагнер, Евгениј Пригожин, да се побуни против руското воено раководство, објави „Њујорк Тајмс“, цитирајќи американски официјални претставници.
Официјални лица рекоа дека се обидуваат да утврдат дали генералот Сергеј Суровикин, поранешен врховен руски командант во Украина, помогнал во планирањето на акциите на Пригожин минатиот викенд, што претставуваше најдраматична закана за рускиот претседател Владимир Путин во неговите 23 години на власт.
„Њујорк тајмс“ цитирајќи аналитичари, пишува дека Суровикин е почитуван воен водач кој помогнал да се зајакне одбраната преку борбените линии по контраофанзивата на Украина минатата година.
Тој беше сменет од функцијата врховен командант во јануари, но го задржа влијанието во спроведувањето на воените операции и остана популарен меѓу војниците.
Доколку генералот Суровикин бил вмешан во настаните минатиот викенд, тоа би бил последниот знак за конфликтот што го карактеризира руското воено раководство од почетокот на војната на Путин во Украина и може да сигнализира поширок јаз меѓу поддржувачите на Пригожин и двајцата врвни воени советници на Путин – министерот за одбрана Сергеј Шојгу и генерал Валериј Герасимов, началник на Генералштабот.
Путин сега мора да одлучи, велат официјалните лица, дали верува дека Суровикин му помогнал на Пригожин и како тој треба да одговори. Ако Путин најде докази дека Суровикин подиректно му помогнал на Пригожин, нема да има друг избор освен да го отстрани од неговата команда, велат официјалните лица.