Доколку во наредниот период претседателот на САД, Доналд Трамп, покаже симптоми и се разболи од ковид-19, тоа ќе поттикне прашања дали неговото име треба да стои на гласачките ливчиња на изборите на 3 ноември, пишува денеска „Њујорк тајмс“.
Весникот наведува дека откако Трамп (74) објави дека се тестирал и е позитивен на коронавирус, тоа сега преставува закана за неговата изборна кампања против опонентот Џо Бајден, претседателски кандидат на демократите.
-Дури и да не појави симптоми, тој треба да се повлече од кампањата и да биде во изолација во текот на незнаен временски период, наведува весникот.
Позитивниот тест на коронавирус, според „Њујорк тајмс“ е сериозен удар за неговата политичка иднина, со оглед на тоа што тој со месеци ја потценуваше сериозноста на пандемијата, иако вирусот се уште е опасен и убива најмалку 1.000 Американци дневно. Трамп повеќе пати повтори дека „вирусот ќе исчезне“. Убедуваше дека ситуацијата е под контола, и инсистираше дека земјата го гледа крајот на кризата. Претседателот, исто така, ги потценуваше експертите и епидемиолозите и се исмеваше со нивните тврдења велејќи, дека тие грешат за сериозноста на ситуацијата.
Тој се исмеваше и со неговиот опонент Бајден зошто постојано носи маска во јавност, „гледам лицето му е покриено со голема маска“, рече неодамна тој.
Трамп синоќа на Твитер објави дека тој и сопругата Меланија се позитивни на Ковид-19, наведувајќи дека двајцата одат во карантин. Позитивна на коронавирус била и неговата советничка, Хоуп Хикс, која деновиве за време на кампањата патувала со Трамп. Се претпоставува дека таа го заразила шефот на државата.