Од наредната недела треба да се комплетира владиниот кабинет со заменици министри и државни секретари и да се договарат и директорските позиции.
Вицепремиерот Артан Груби, на денешната-прес-конференција рече дека до утре или задутре, кандидатската листа ќе биде заокружена. ДУИ ќе има свои заменици во Министерството за внатрешни работи, за правда, одбрана, здравство и за транспорт и врски.
Неофицијално, кандидат за заменик на шефот на полицијата е поранешниот главен директор на „Македонски Телеком“, Назим Буши, објави порталот 360 степени.
Досегашниот заменик-министер во МВР, кој беше и прв човек на полицијата во рамки на техничката влада, Агим Нухиу е предлог на ДУИ за заменик-министер во Министерството за правда.
Беким Реџепи, кој е член на Судскиот совет, треба да седне во заменичкото министерско столче во Министерство за транспорт и врски.
Директорот на Ургентниот центар, Илир Хасани се очекува да биде предложен за заменик-министер за здравство.
Во министерството за одбрана пак, треба да дојде заменик-директорот на Управата за финансиска полиција, Башким Хасани.
Вицепремиерот Груби не ги потврди имињата на замениците-министри, ниту меѓупартиската поделба на директорските места.