Нухиу: Честитката не беше за Абази, туку за новиот начин на избор на шеф на Организиран

by fokus

Заменикот министер за правда, Агим Нухиу, денеска ја дообјасни неговата фејсбук честитка за новиот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази, појавувајќи се пред новинарите по повод новогодишнен брифинг во Министерството за правда.

Тој се оправда дека честитката не била упатена лично до Абази, туку за процедурата, односно непосредните избори на кои за прв пат се бираше шефот на ова Обвинителство.

-Да, објавив фејсбук статус, но тоа не беше честитка за избраниот обвинител, туку за новите правила за избор, односно за прв пат шефот се избра со гласање на 160 обвинители, истакна Нухиу.

Тој по изборот на Абази напиша дека со чинот на директно гласање, Македонија влегува во уште поподготвено ниво во борбата против организираниот криминал и корупцијата.

-Очекуваме поголем напредок во оперативната соработка со меѓународните партнери и координација на активностите меѓу обвинителството, полицијата и другите релевантни тела против организираниот криминал и корупцијата за подобрување на ефикасноста на спроведувањето на законот.

Со нетрпение очекуваме напредок во истражните постапки, во гонењето и казнувањето на случаите на организиран криминал и перење пари со фокус на конфискација на имотот од криминал, напиша тогаш Нухиу на Фејсбук.

В.В.

Поврзани новости