НСПВ обвини дека Министерството за одбрана ја сопрело членарината, МО бара обединување на синдикатите

by Фокус

Независниот синдикат на професионални војници денеска обвини дека Министерството за одбрана ја сопрело уплатата на членарината на синдикатот и на тој начин го оневозможува синдикалното делување и организирање.

Претседателот на Независниот синдикат, Александар Насковски, вели дека со оваа постапка се прекршува колективниот договор на Министерството за одбрана, Законот за работни односи и Конвенциите потпишани од државата со Меѓународната организација на трудот.

-Министерката за одбрана јавно изјави дека членарината е сопрена од страна на службите т.е. секторот за финансии во Министерството за одбрана, но не кажа дека токму тие намерно се ставени во заблуда со незаконските постапки на 7 лица вработени во Министерство за одбрана, кои направија фалсификат и лажно се претставуваат и за кои синдикатот поднесе кривична пријава до Основото јавно обвинителство. Затоа апелираме до Основото јавно обвинителство – Скопје брзо да реагира и да се разгледа кривичната пријава против овие лица кои направиа хаос во Министерството за одбрана – рече Насковски.

Според него, зголемено е незадоволство кај професионалните војници, поради недостигот на социјален дијалог со работодавецот за решавање на статусот на професионалните војници и игнорирањето на нивните барања.

Главно барање на синдикатот, вели Насковски, е измена и дополнување на законот за служба со цел професионалните војници да имаат можност за пензионирање по принципот на некои НАТО земји, каде што професионалните војници се пензионираат и на 45 години.

На прес конференцијата на Насковски реагираа од Министерството за одбрана, од каде велат дека уште во мај претседателот на Мултиетничкиот синдикат за образование го информирало МО дека Насковски е разрешен од функцијата претседател на Независен синдикат на професионални војници – подружница на Мултиетничкиот синдикат за образовани, а во ноември Министерството било информирано дека нов претседател на овој синдикат е Зоран Павловски.

„Во меѓувреме со допис сме информирани дека Александар Насковски формира нов синдикат МЕС и во рамките на тој, нова подружница со исто име како и претходниот синдикат и пријавува нова жиро сметка за истоимена синдикална организација како нов правен субјект. Ваквата недоречена ситуација создала несигурност и сомнежи кај службениците чија одговорност е исплаќањето кои се обратиле до двата синдиката со барање да го потврдат членството. По ова, претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, подружница на МЕСО, Зоран Павловски доставува список на членови и потврдува дека тие и понатаму се членови на тој синдикат, додека Александар Насковски сè уште нема доставено потврден список на членството“, соопштуваат од Министерството.

Во пресрет на потпишувањето на новиот Колективен договор и во интерес на вработените во Министерството и Армијата, министерката Славјанка Петровска повикува на обединување на петте синдикати.

Поврзани новости