Независниот синдикат на полицијата изрази незадоволство од потпишувањето на Колективниот договор од страна на Македонскиот полициски синдикат и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
-Јас сум претседател на синдикат што брои повеќе од 3.000 вработени кои се гневни на тоа што го пишува во Колективниот договор, односно договор препишан од претходната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Вие всушност го препишавте договорот на ВМРО-ДПМНЕ и го потпишавте вчера – изјави претседателот на НСП Гоце Делчев -Тодев.
Претседателот на Конференцијата на синдикални организации на Македонија, Маријан Ристески информираше дека непосредно пред денешната прес-конференција со Кабинетот на Владата е договорена средба за 29 јуни и се надева дека тоа ќе биде „последен обид за добивање социјален дијалог”.
-Доколку од средбата излеземе незадоволни, ќе одржиме состанок и ќе известиме за понатамошните дејствувања. Од ова што се случи вчера со срамното потпишување на тој Колективен договор, најмногу штета има самиот министер кој ни остави впечаток дека конечно и ние ќе бидеме вклучени и ќе придонесеме со нашето искуство како синдикалци да ги ставиме законските права на работниците, што во изминатиов период секојдневно се губат – вели Ристески.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателот на Македонскиот полициски синдикат Марјан Кицев вчера во Клубот на пратеници потпишаа нов Колективен договор на Министерството за внатрешни работи, што, според нив, претставува производ од меѓусебните разговори и дијалог.