„Мандатарот Мицкоски предлага состав на Влада со кадри на Груевски, во најголем дел тоа се луѓе кои во минатото служеа на режимот на ВМРО-ДПМНЕ и ги пратат многу скандали. Граѓаните за брзо ќе ги видат на дело кадрите на „рециклираниот режим“ и „заробената држава“ која ја инсталираа во десетгодишното претходно владеење. Кадри кои служеле на режимот на Груевски, почнувајќи од Мицкоски, не може да донесат и спроведат реформи, матрицата од претходното нивно владеење останува иста“ велат од НСДП.
Оттаму велат дека „во град Скопје и во општините три години го гледаме нивниот начин на спроведување на „реформи“ и нови проекти, хаос, безредие, прсти во медот, блокирани и нефункционални локални институции, партиски вработувања и скандали. Првите потези и чекори го најавуваат моделот на владеење, особено ако ги гледаме потезите на претседателката на државата која уште во првите недели од мандатот го крши Уставот, ги влошува односите со соседите и на нeдостоинствен начин ја претставува државата“.
„Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваме да ретерира и отстапува од изборните ветувања со кои ги изманипулираа гласачите, тоа се гледа и по првите потези на нивното делување: не го намалија бројот на министерствата, го прифатија Преспанскиот договор наместо да го ревидираат како што веруваа во предизоборната кампања и нема да го вратат претходното уставно име, не предлагаат ревидирање на Охридскиот договор и договорот со Бугарија, вонинституционално договараат задолжување од една милијарда евра, ги влошуваат односите со соседите. НСДП нема да даде поддршка за ваков состав и програма на Влада“ се вели во соопштението.