„Новости“: Франција, Германија и Холандија сакаат да наметнат и забрзаат решение за Косово

by fokus

Франција, Германија и Холандија бараат да се вклучат во дијалогот за Косово, како „асистенти“ на високата претставничка Федерика Могерини за да наметнат свое решение и целиот процес да заврши до крајот на годината, објави весникот Вечерње новости повикувајќи се на дипломатски извори.

Соговорниците на весникот наведуваат дека тоа се случува пред финалната фаза во разговорите меѓу Белград и Приштина.

Новости додаваат дека во ЕУ почнато е со формирање два блока држави, оние кои се незадоволни од процесот во кој предничи „тројката“, и група држави предводени од Шпанија кои не го признаваат Косово и кои сакаат да бидат детално упатени во текот на претстојните преговори и во тој процес да бидат консултирани.

Најсилните членки очекуваат според весникот, одреден вид договор меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ до крајот на годината.

Тие бараат Белград и Приштина „да бидат притиснати“ со влог ветувања кои произлегуваат од заклучоците од самитот во Софија, а кои се однесуваат на поблиски врски со ЕУ што подразбира инфраструктурни и други проекти.

Земјите кои не го признале Косово сметаат дека решението треба да се најде благовремено, но одделни имаат забелешки што процесот се одигрува далеку од нивните очи иако физички се одвива во Брисел.

Поврзани новости