Најголем дел од производите во маркетите се намалени во рамки на акцијата „Новогодишна кошничка“ која ја спроведува Владата по предлог на бизнисот, но не се намалени и основните производи како зејтинот, шеќерот и јајцата.
Во неколку маркети во Скопје граѓаните од утрово ги меркаа цените производ по производ и разочарано коментираа дека не очекувале вакви цени. Пакување со 15 јајца во скопски супермаркет кое од 105 скокна на 130 денари пред неполн месец, сега е намалено на 110 денари и тоа е всушност зголемување, а не покачување, велат граѓаните во маркетите.
– Еве барам јајца, но тие се иста цена, 92 денари за пакување од десет јајца. Пред само две недели јајцата од истиот производител беа 77 денари. Шеќерот останаа иста цена 44 денари, лебот 33, а зејтинот е близу 90 денари. Ниту еден од нив не е обележан со акцијата „новогодишна кошница“, а тие најмногу ги користиме. Скапо е многу, џабе се овие мерки, кога парите и пензиите се тие што е. Не се доволни, ни рече постара госпоѓа утрово пазарејќи во маркет во скопска населба.
Ги прашавме шефовите на маркет зошто освен млекото, други основни производи не се се уште намалени, а тие рекоа дека производителите овојпат имаат можност да си одберат што ќе понудат на акција.
Дека ова е мерка на бизнисот се согласија и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши и заменик-министерот Марјан Ристески утрово на прес-конференција по повод имплементирањето на мерката.
– Оваа мерка произлегува од бизнисот, а не од Владата и оваа мерка е да намалат производите за новогодишните празници. Државниот пазарен инспекторат за сите оние аномалии кои ги има, ќе може да врши контроли на терен и ќе пишува казни. Попустот се одредува врз основа на најниската цена во последните 30 дена. Новата цена и старата цена мора да бидат транспарентно со назнака дека производот е дел од кошницата. На страната се објавени сите производи кои компаниите ги понудиле на граѓаните.
Апелирам до оние кои сами ја креираа акцијата, да ја почитуваат одлуката, а граѓаните да пријават неправилности до ДПИ. Денеска 1036 производи се денес намалени, а бројот на производи ќе расте, што е доказ дека бизнисот и верува на Владата – истакна министерот Дурмиши.
Во новогодишната потрошувачка кошничка листа спаѓаат леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.
Пазарните инспектори ќе ги мониторираат сегашните цени на производите кои ги содржи акциската листа заедно со најниските цени на истоимените производи кои биле применувани во последните 30 дена и како референтна ќе се земе најниската. Со акцијата се очекува намалување на цените на производите за 10 и повеќе проценти. Во меѓувреме статистиката регистрираше зголемувањето на трошоците на животот во групата храна и безалкохолни пијалаци во ноември во однос на октомври годинава за 2,1 процент.
Целта на мониторингот е да се утврди дали по почетокот на акцијата трговците ќе се придржуваат до дадената иницијатива од нивна страна за акциско намалување на цените од 10 отсто или повеќе на прехранбени производи кои најмногу се продаваат во текот на новогодишните празници, информираше Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Државниот завод за статистика објави дека трошоците на животот во ноември годинава, во однос на ноември лани, бележат зголемување од 4,3 проценти, а цените на мало од 4 проценти.
Орце Костов