Откако Венко Филипче беше избран за нов лидер на СДСМ по поразот на последните парламентарни избори, партијата практично функционира на ниво на работни оперативни групи, формирани според изборни единици и општински организации.
Иако од СДСМ велат дека се уште не се утврдени кандидати за точни позиции во новото партиско раководство, сепак, неофицијалните информации говорат дека веќе се вршат консултации со луѓе кои би можеле да се најдат во потесниот и поширокиот круг на соработници на Филипче.
Според сознанија на „Фокус“, еден од нив е актуелниот пратеник и поранешен организациски секретар на СДСМ, Митко Трајчулевски. Тој е сериозен кандидат за иден генерален секретар на СДСМ, доколку се премости нормативната пречка за неспоивост на партиската со јавна функција.
Како што велат партиски извори, постојат статутарни ограничувања јавен функционер да извршува партиска функција. Во тој контекст, проблематично е и тоа што ако Трајчулчевки даде оставка од пратеничката функција, следен на пратеничката листа е кадровско решение на ЛДП, што ќе значи минус еден пратеник за СДСМ.
Нашите извори велат дека на Трајчулески му се нудат повеќе високи партиски функции во новиот раководен тим на СДСМ, но инсистирал да биде посветен на ефикасно исполнување на должностите од пратеничкиот мандат. Сепак, големи се шансите да стане генсек.
–Не сум вклучен во изборот на новото раководство на партијата и затоа во овој момент нема да коментирам било какви кадровски комбинаторики – вели Трајчулевски во куса изјава за „Фокус“.
Партискиот лидер Филипче, пак, во однос на оваа тема кусо ни изјави: „Нема се уште кандидати за точни позиции. Тоа ќе биде на крај на октомври кога ќе се постави новиот конгрес. Сега има само две групи на луѓе кои работат околу политики и партиски технички работи“.
Во рамки на процесот на екипирање на партиско раководство, тој преговора со повеќе поранешни функционери на СДСМ и јавни функционери избрани и именувани од редот на партијата, додека дознаваме дека во позитивна насока одат разговорите со една предводничка на моќна невладина организација, која неодамна ја затвори филијалата во државава.
Притоа, скоро сите од довчерашното раководство на СДСМ, предводено од Димитар Ковачевски, нема да бидат дел од новото раководство, но тие се дел од пратеничката група, која, според нашите соговорници, сега засега не функционира беспрекорно.
Од Бихаќка велат дека во следниот период треба да се одржат општински конференции за избор на нови делегати, по што на крајот на октомври треба да се одржи конгрес, на кој ќе се избере нов Централен одбор, па, на предлог на Филипче, ќе се изберат потпретседатели, секретар и Извршен одбор.
Освен кадровско екипирање, Филипче сака да иницира и измена на партискиот статут, со цел прецизно дефинирање на начинот на избор на партиски функционери и на кандидати за јавни функционери од партијата, како и статутарно дефинирање на новите партиски тела, кои беа дел од неговата изборна програма.
„За да создаде ефикасна и функционална партиска организација, неопходна е реорганизација, но и нов пристап во работењето. СДСМ мора да изгради силни партиски тела, кои ќе работат со јасно утврден план и ќе имаат јасни одговорности и конкретни задачи“, стои во програмата на Филипче.
Филипче летово ќе „лови“ партиски соработници и ветерани, дали ќе ги спои Заев и Црвенковски?
Во интервју за „Фокус“, Филипче неодамна говореше и за причините за големиот изборен пораз, при што истакна дека огромниот пад се случил во периодот откако всушност партиски лидер стана Ковачевски, наследувајќи го Зоран Заев.
Филипче во интервју за „Фокус“: Огромниот пад на СДСМ се случи во последните две и пол години!
Воедно, тој посочи дека само СДСМ може да го порази ВМРО-ДПМНЕ, при што порача: „СДСМ е исправена пред голем предизвик, но ние сме биле и порано во слични ситуации од кои сме се враќале посилни, тоа ќе се случи и сега, а оние кои се надеваат на распад на партијата, ќе бидат разочарани“.
Филипче во интервју за „Фокус“: Само СДСМ може да го порази ВМРО и никој друг!
Влатко Стојановски