Министерството за труд и социјална политика започнува соработка со Ново Нордиск, УНИЦЕФ и Институт за јавно здравје која, како што информираше министерката Јагода Шахпаска, ќе резултира пред сè со подготовка на ново мени за исхрана во градинките.
Како што информираат од МТСП, на денешниот состанок на кој присуствувале првата дама, Елизабета Ѓоргиевска, претставници од УНИЦЕФ, Институт за јавно здравје, МТСП и фармацевтската компанија Ново Нордиск, министерката Шахпаска посочила дека уште поважен е процесот на прифаќање и едукација на вработените во градинките, родителите и децата за важноста и потребата од исфрлање на лошите навики во исхраната и поголем внес на свежи и здрави намирници.
На состанокот, како што стои во соопштението од МТСП, првата дама, осврнувајќи се на нејзината професионалност, стоматологијата, посочила дека оралното здравје е значаен елемент во зачувувањето на општото здравје, и според неа, за тоа најважна улога има токму исхраната.
Претставниците на фармацевтската компанија Ново Нордиск, истакнале дека се свесни оти за успех на проектот најпрво е потребно запознавање, едукација, прифаќање, па дури потоа доаѓаат промените.