Новитети во лозарството: Лозарите до 15-ти јули ќе ја знаат откупната цена на најзастапените сорти на грозје

by Фокус

Новиот закон за вино, предложен од Министерството за земјоделство, кој го прифати Владата, ќе донесе повеќе измени со цел поголем развој на овој значаен сектор, зголемен извоз на македонско вино и повисоко позиционирање на винската мапа, како и поголема сигурност за лозарите.

Еден од новитетите кои ги носи овој предлог закон за вино е што лозарите за првпат ќе имаат откупна цена на грозјето најдоцна до 15-ти јули.

-Со новиот закон за вино, за првпат, ќе се утврдува производната цена на винско грозје по килограм, најдоцна до 15-ти јули во тековната година и тоа за најмалку две најзастапени сорти. Пресметката на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет, согласно дадена методологија, предвидено е да ја врши високо образовна или научна институција од областа во земјоделството.

Преку новиот закон за вино, системот на заштитата на географските индикации на виното во целост се усогласени со европското законодавство, предвидувајќи истите да се заштитуваат на национално и меѓународно ниво со заштитена ознака за потекло или заштитена географска ознака. Традиционалниот назив на виното на национално и меѓународно ниво се заштитува со традиционална ознака- информираат од Владата.

Со децении наназад лозарите секоја година пред гроздобер се соочуваат со проблеми при откупот. Најчесто реагираат на ниските откупни цени, а во годините кога има многу род, се случува и да нема кој да им го откупи грозјето, или пак за истото да им бидат понудени цени со кои не можат ниту да ги покријат трошоците.

Изминатиот период голем број на лозари од Тиквешијата се откажаа од лозарството, а многу од нив ги продадоа лозјата на фирми кои планирале изградба на фотоволтажни централи за производство на електрична енергија од сончеви зраци.

Дури и претстедателот на тиквешкото здружение на лозари ,,Напредни лозари- Кавадарци”, Трајче Кулев, пред три месеци во интервју за ,,Фокус” откри дека дал оставка од функцијата претседател бидејќи сфатил како од лозарството нема профит, а проблемите се трупале со децении наназад.

В.К.

Поврзани новости