Религиозна заклетва во претседателската палата положија деветтемина нови министри, алтернативни министри и заменици- министри во грчката Влада, по денешната реконструкција, јави дописничката на МИА од Атина.
На свечената заклетва, согласно протоколот, присуствуваа претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Свечена заклетва положија Атанасиос Плеврис како нов министер за здравство, Панајотис Теодорикакос, како министер за цивилна заштита, Василис Кикиљас – министер за туризам, Асимина Гага – алтернативна министерка за здравство, Никос Хардаљас – заменик-министер за национална одбрана, Андреас Кацањотис – заменик- министер за надворешни работи, Михаил Пападопулос и Јоргос Карајанис, како заменици-министри за транспорт и инфраструктура и Симон Кедикоглу како заменик министер за земјоделски развој и храна.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис утрово направи 11 промени во неговата Влада, а откако поранешниот началник на Генералштабот на армијата и поранешен министер за одбрана во Владата на СИРИЗА Евангелос Апостолакис не ја прифати позицијата министер во новоформираното Министерство за цивилна заштита и управување со кризи, останува во следниот период да се одреди нов министер.