В.д. директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски, кој Владата го назначи на оваа позиција завчера, истовремено е и член на Управниот одбор на институцијата. На прашањето на „Фокус“ дали Владата пред да го назначи за в.д. директор, прво го разрешила од позицијата во Управниот одбор за да не дојде до преклопување на функциите, од Владата велат дека тоа ќе биде направено на некоја од наредните седници.
-По добивање на решението, Бојан Лазаревски ќе си поднесе сам барање за разрешување и на една од наредните седници ќе биде разрешен.
„Фокус“ побара мислење од Државната комисија за спречување на корупција дали ова поклопување на функции е спротивно на законските прописи, но претседателката Билјана Ивановска вели дека го разгледуваат целиот случај.
-Го разгледуваме целиот случај и утре ќе излеземе со став, кусо одговори Ивановска.
Се поставува прашањето и зошто Владата иако распиша конкурс за директор со мандат цел мандат од две години, дури сега поставува в.д. директор. Агенцијата за филм беше без потписник уште од август, кога му заврши мандатот на претходниот директор Горјан Тозија.
Конкурсот за директор е завршен пред еден месец, а Владата сега постави в.д. директор. Велат дека се уште ги разгледуваат пристигнатите апликации.
-Конкурсот за директор на Агенцијата за филм е завршен, меѓутоа изборот на кандидат сѐ уште не е направен од причина што станува збор за специфична агенција кадешто детално се анализираат предложените програми за работа, но Владата на Република Северна Македонија сакајќи да излезе во пресрет на вработените постави в.д. директор за краток период кој ќе биде потписник за нормално функционирање на институцијата, велат од Влада.
Како што дознава Фокус, на конкурсот се пристигнати пет апликации. Инаку, Агенцијата за филм беше поле на интерес на Државната комисија за спречување на корупција уште во јули, кога Комисијата побара од Владата да го разреши претходниот директор Тозија пред истекот на мандатот поради прекршување на процедурите во постапките согласно Законот за филмска дејност. Тогаш Владата и одговори на Комисијата дека не е надлежна да го разреши, иако согласно членот 16 од Законот за филмска дејност, Владата го именува и го разрешува директорот.
Катерина Смилева Божиновска