Новиот состав во македонскиот тим во заедничката Комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија утре, по подолг период, треба да има прва средба со нивните колеги од бугарска страна.
Историчарот Митко Панов, кој е дел од новиот состав што Владата го назначи минатиот месец, во интервју за ТВ Сител вечерва изјави дека не може предвреме да каже за очекувањата од средбата, но, рече, оптимист е доколку се постигнат начелата на слободно изразување на ставовите за историјата.
-За моите очекувања не можам ништо да кажам сега, пред време, бидејќи треба да се запознаеме, треба да ја запознаеме методологијата на работа, концептот на работа, принципите на делување… Доколку се држиме до современите принципи на работа, европските практики на работа на ваков тип комисии, можам да кажам дека сум оптимист, не дека нешто ќе се постигне, сега ќе видиме, но доколку ги постигнеме тие начела на работа, мислам дека ќе можеме слободно да ги изразуваме своите ставови и, впрочем, тоа е и целта и моето разбирање на комисијата – да ги изразиме сопствените ставови, ставовите на македонската историографија и да видиме кои се тие проблематични точки коишто едната страна ги смета за некакви конфликтни проблеми, истакна Панов.
Посочи дека претходно многупати кажал дека не се согласува со концептот на работа на претходната Комисија, и нагласи дека ќе работат „растоварени од какви било политички влијанија“ затоа што, рече, комисијата треба да работи во таква атмосфера за да дискутира.