Новиот шеф на Организиран гушнат со Невзат Бејта од ДУИ

by fokus

Откако новоизбраниот шеф на Обвинителството за гонење на организиран и криминал и корупција, Ислам Абази се појави за прв пат во јавноста и порача дека ќе работи професионално и дека нема никаква врска со ДУИ, на интернет почнаа да се шират фотографии на кои Ислам Абази е сликан токму со функционери на оваа партија.

На една од фотографиите којашто ја доби „Фокус“ се гледа Абази сликан со поранешниот градоначалник на Гостивар и долгогодишен член на ДУИ, Невзат Бејта, заедно со уште две други лица.

Бејта во изјава пак за „Фокус“ вели дека го познава новиот раководител на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, но објаснува дека сликата е направена пред околу десетина година, најверојатно на Кораб.

Тогаш, како што вели Бејта, никој не знаел дека Абази ќе го води Обвинителството и дека ништо не значи ако Бејта или обвинителот се слика со некого.

-Мене често ми приоѓаат да се сликаме, но тоа не значи дека јас ја знам биографијата на сите со кои се сликам, но и не може да знам дека тој ќе стане шеф на Обвинителството за гонење на организиран кримина. Кога е направена сликата тој не беше на никаква функција. Во ДУИ никогаш не бил член, вели Бејта.

„Фокус“ испрати прашања и до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција кога и каде се направени фотографиите, но одговор не добивме.

Освен фотографијата со Невзат Бејта „Фокус“ доби слика од Абази од лов на диви свињи со обвинителот од скопското Вишо обвинителство, Дилавер Бектеши.

Тој беше виш јавен обвинител во случајот „Титаник 3“ во кој им се судеше на единствените функционери од ДУИ, Ејуп Алими и Исмет Гури, случај кој со години се влечеше и беше вратен на повторно судење.

Токму Бектеши дозволи на Гури и Алими да им се вратат пасошите, а беше и против жалбата на обвинителката Фатиме Фетаи која на Апелација бараше повисоки казни за обвинетите.

Абази пак во денешната изјава кажа дека нема лични контакти со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, иако се од истото село, Зајас. Но, кажа и дека него како обвинител не му е забрането да се дружи ниту со некој од ДУИ, ниту пак со други.

Обвинителот кој дојде од раководната функција на Вишото обвинителство во Гостивар го избраа 66 обвинители кои гласаа на изборите.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости