Новиот робот -локомат во Заводот за рехабилитација е набавен по цена од 940.000 евра

by Fokus

При средината на декември, Клиниката за физикална медицина и рехабилитација доби апарат за роботска рехабилитација Локомат, вреден околу 940 илјади евра, покажуваат податоците на Бирото за јавни набавки.

Новиот робот беше промовиран на голема врата, со сликање и пациенти, а официјално беше пуштен во употреба од страна на актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити и заменик министерката Маја Манолева, која претходно повеќе од пет години беше директорка на Заводот за рехабилитација.

Според официјалните податоци објавени на Бирото за јавни набавки, може да се забележи дека роботот е набавен од страна на министерството за здравство, со оглед на тоа што се работи за поголема сума на пари, а самиот тендер  со вкупна вредност од 1,3 милиони евра се однесува и за набавка на апарати на Институтот за радиологија во Скопје и на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.

Податоците на БЈН, уште покажуваат дека на тендерот конкурирале четири компании, додека победничката компанија „Експекта Медика ДООЕЛ“ ја дала најниската понуда. Договорот е склучен на 05 октомври, 2023 година.

Во склучениот договор меѓу министерството за здравство, каде стои потпис на министерот Меџити и победничката компанија застапувана од Сашо Караџов се наведува дека роботот – „Lokomat * Pro 6.3 FreeD AD набавен од Hocoma AG од Швајцарија е во вкупна вредност од 57.983.430 денари или околу 940 илјади евра.

Од тука се поставуваат бројни прашања, па ако се разгледаат набавките на овие роботи во другите држави може да се забележи дека цените се многу пониски, дури и до 200.000 евра. Факт е дека се неопходни за пациентите, но мораме да признаеме дека се работи за вртоглава сума на пари.

Сепак, не се случува првпат во Македонија да биде набавена медицинска опрема по астрономски цени. „Фокус“ досега објави повеќе видови на апарати набавени со вртоглави суми, а кои во други земји биле купени по многу пониски цени.

КОЛКУ ПАРИ Е НАБАВЕН РОБОТОТ БОЛНИЦА ВО ХРВАТСКА?

Сличен таков робот за проодување е земен и во болница во Крапинска Топлица во Хрватска, кој е набавен од австриска компанија во вредност од два милиони куни уште пред две години.

Уредите за роботски потпомогната медицинска рехабилитација или, како што јавноста често едноставно ги нарекува „роботи физиотерапевти“, не се невообичаени во светот веќе дваесет години, но кога станува збор за јавните здравствени установи во Хрватска, во нив речиси и да нема роботика.  Кога австриската компанија Tyromotion го разви својот робот Lexo пред две години, Специјалната болница за медицинска рехабилитација во Крапинска Топлица реши да започне проект за негово купување.

Директорката Жељка Жнидариќ, во тој период изјави дека во овој проект во соработка со колегите најмногу се вклучил раководителот на нивното одделение за рехабилитација на краниоцеребрални пациенти и акутна неврологија, специјалист м-р невролог, Иван Дуброја.

„Во тоа успеа Дуброја, па сега пациентите од оваа реномирана болница во Загорје имаат можност да се рехабилитираат со помош на роботи од кои во целиот свет има само педесетина, а чија вредност е околу два милиони куни.

 

„Овде во Крапинске Топлице имаме многу квалитетна невролошка рехабилитација и рехабилитација на лица со повреди на мозокот, меѓутоа во самата технологија сме доста зад остатокот од светот“, истакна тогаш директорката.

Апаратот за роботска рехабилитација е наменет за интензивна рехабилитациска терапија на пациенти со тешко до умерено оштетување на способноста за одење и функционална подвижност. Овие оштетувања во телесните функции и активности може да бидат предизвикани од различни болести, како невролошки заболувања, повреди на мозокот (поради мозочен удар или траума), повреда на ‘рбетниот мозок и церебрална парализа.

Според стручните проценки, роботската рехабилититација во Македонија ќе има можност да се спроведува кај околу 30 пациенти месечно, а ќе бидат опфатени и болнички и амбулантски пациенти. За управување со новата опрема спроведена е специјална стручна обука со инструктор од Швајцарија на шест физиотерапевти од оваа клиника кои и претходно имаат искуство во рехабилитацијата на ваквите пациенти“, тврдеше во декември Манолева.

За тоа како ќе може пациентите да дојдат до овој робот, Манолева во декември истакна дека оваа процедура која што ќе биде воведена во институцијата ќе биде ставена на товар на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ).

„Пациентите ќе треба да го остварат само делот во партиципацијата. Веќе сме во завршна фаза. Вчера ги финиширавме преговорите со ФЗОМ и секако проценката ќе биде на лекарскиот колегиум за пациентите коишто ќе треба да бидат вклучени на оваа процедура. Штом ќе ја добиеме  цената, ќе се вметне посебен пакет за оваа здравствена услуга којшто ќе се внесува и сето тоа ќе ја диктира партиципацијата.

 

Можам само да ви посочам дека во регионот еднодневна терапија на ваков локомат чини од 120 до 170 евра еднодневна терапија, дополнително сите други трошоци. Така што, се надевам дека она со што ќе учествуваат нашите пациенти ќе биде навистина минимално во споредба со онаа цена која што ја имаме во регионот“, појасни тогаш  Манолева.

Ирена Мулачка

 

 

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости