Новиот премиер задолжен за транзицијата во Сирија, Мохамад ал-Башир, во интервју за Ал Џезира вети стабилност и мир на сирискиот народ исцрпен по повеќе од 13 години војна.
„Време е луѓето да уживаат во стабилност и мир, да бидат згрижени и да знаат дека нивната влада е таму за да им ги обезбеди услугите што им се потребни“, рече Башир, кој на ова место го поставија исламистичките бунтовници кои ја соборија владата на поранешниот претседател Башар ал Асад.
Башир беше назначен за шеф на владата која „ќе обезбеди управување со тековните работи до март 2025 година, додека чека да се решат уставните прашања“, се вели во неговите изјави, кои ги пренесе официјалната сириска новинска агенција Сана.
Мохамад ал-Башир досега ја предводеше „владата на спасот“ формирана неколку години од бунтовниците на исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) во нивното упориште Идлиб, во северозападна Сирија.
„Нашето претходно искуство во управувањето со провинцијата Идлиб и околните области ни овозможи да стекнеме вредна експертиза (…) што не направи способни да ја преземеме оваа голема одговорност што ни е доверена“, рече тој за време на состанокот со новите министри и министри на „паднатиот режим“.
Целта на состанокот е „да се дефинираат процедурите за преземање на институциите, да се започне со трансфер на овластувањата и да се обезбеди континуитет на тековните работи“, наведува Сана.
„Мисиите на привремената влада се состојат од одржување на безбедноста, зачувување на стабилноста на институциите и избегнување на колапс на државата“, рече Башир.
„Исто така, се стреми да обезбеди основни услуги за населението, до формирањето на новата сириска влада која ќе ги исполни аспирациите на сириското општество“, додаде тој.
Бунтовниците ја презедоа власта во Дамаск во неделата по молскавична офанзива предводена од ХТС, додека Асад побегна во Русија.
Еден ден по влегувањето во главниот град, водачот на ХТС Абу Мохамад ал-Џолани одржа разговори со поранешниот премиер Мохамед ал-Џалали за „координирање на транзицијата на власта“ поддржана од парламентот и соборениот претседател на партијата Баат.
Џолани ја нагласи потребата новата влада да се потпре на искусни луѓе од администрацијата во заминување.