Доцна вечерва Собранието ја изгласа новата Влада, која ќе ја предводи новиот премиер Емил Димитриев. Со 72 гласа „за“, ниту еден против и девет воздржани, пратениците, без оние на опзицијата, му го доверија мандатот на досегашниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Димитриев.
Новиот премиер му се заблагодари на Никола Груевски за, како што рече, се што напраил досега и за довербата што му ја дал да ја предводи преодната Влада која треба да ги организира изборите на 24 април.
-Основна цел се фер и демократски избори. Државните институции ќе дадат максимална поддршка на ДИК за реализација на зацртаните цели. Ја повикувам опозицијата на конструктивност. Преодната Влада ќе направи се за фер и демократски избори. И вие треба да се вклучите во овој процес.Максимално фокусирани ќе останеме на реализација на владините проекти. Сите членови на Владата не смеат да отстапат од проектите кои се зацртани, рече новиот премиер Димитриев.
Во составот на новата Влада се и министрите од СДСМ, но тие не како останатите пратеници од опозицијата не присуствуваа на седницата и не положија свечена заклетва. СДСМ соопшти дека нема да учествува на изборите на 24 април, зашто не сака да оди на избори без прочистен Избирачки список и регулација на медиумите.