Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека само Украина треба да одлучува за мировниот план за Украина, на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
„Не смееме да заборавиме дека Украина е земја која е брутално нападната и затоа таа е таа што треба да ги постави основните принципи за праведен мир“, додаде Фон дер Лејен.
Мишел и Фон дер Лајен одржаа заедничка прес-конференција пред трите важни состаноци на кои ќе присуствуваат во следните денови – самитот на Советот на Европа во Рејкјавик, самитот на Г7 во Хирошима и самитот ЕУ-Јужна Кореја во Сеул. Фон дер Лајен рече дека очекува на тие собири да бидат потврдени два принципа, прво, дека е неопходно да се обезбеди финансиска и воена помош за Украина колку што е потребно, и второ, Украина самата да одлучува за условите за мировни преговори.
Шарл Мишел рече дека секој кредибилен мировен план мора да се заснова на принципите на Повелбата на Обединетите нации и дека Украина треба да одлучи кога да ја разгледа можноста за преговори. И Фон дер Лајен и Мишел ја истакнаа важната улога на Кина и нејзиниот претседател Си Џинпинг, кој според нив има големо влијание врз рускиот претседател Владимир Путин.
Претседателот на Комисијата рече дека на самитот на Г7 ќе се разговара за санкциите против Русија, вклучувајќи го и предлогот на 11-тиот пакет санкции што Комисијата го предложи пред неколку дена.
„Тоа е предупредување дека сме сериозни во врска со нашите санкции, дека би можеле да го забраниме извозот на производи во трети земји доколку има јасен доказ дека има заобиколување на санкциите и испорака на Русија“, рече Фон дер Лејен.
ЕУ би можела да воведе санкции за некои кинески компании кои имаат бизнис со Русија.
Во понеделникот Кина испрати висок претставник на турнеја за време на која ќе ги посети Украина, Русија, Полска, Франција и Германија. Според најавите од Пекинг, Ли Хуи, специјален претставник на Кина за евроазиски прашања, ќе разговара за политичко решение на војната во Украина.